Регионална младинска работилница се одржува во Делчево

  • News

Делчево е домаќин на Регионална младинска работилница која обединува 30 истакнати лидери од Македонија, Србија и Албанија во рамките на регионалната иницијатива и проектот „Нашите приказни, нашите гласови: Ромската младина за регионални промени“.

Проектот има за цел да ги промовира меѓукултурниот дијалог, учеството на младите, социјалната вклученост и регионалната соработка и преку размена на искуства, раскажување лични и дигитални приказни, културна размена и заеднички активности, младите ќе имаат можност да се запознаат, да учат едни од други и да развиваат нови партнерства и иницијативи кои ги надминуваат границите. Посебно внимание се посветува на ромската култура, идентитет и традиции.

На првиот ден од работилницата, присуствуваа заменик-министерот за односи меѓу заедниците, Неждет Мустафа и градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кои го споделија задоволството од настанот кој има порака за активни млади и нула толеранција на предрасудите и стереотипите.

– Верувам дека секоја заедница има свои приказни. Приказни за предизвиците, за успесите, за традицијата, за културата, но пред сè – приказни за луѓето. Но, кога младите сами ги раскажουν тие приказни, тогаш не зборуваме само за културна промоција, туку и за достоинство, еднаквост и активно учество во општеството. Како локална самоуправа, нашата определба е да создаваме услови младите да не бидат само публика, туку активни учесници и носители на промени. За нас, активни млади значи млади кои имаат простор да зборуваат, да предлагаат, да создаваат, да се поврзуваат и да придонесуваат во својата заедница, нагласи Гоцевски.

Заменик-министерот во Министерството за односи меѓу заедниците, Неждет Мустафа, во своето обраќање го поздрави присуството на учесниците и изрази задоволство што невладината организација успеала да ги обедини младите и учесниците во рамки на овој проект.

 Тој посочи дека проектот, поддржан од Министерството, претставува успешен пример за соработка и можност за воспоставување нови контакти и пријателства меѓу младите од различни држави. Тој изрази надеж дека во следните години ќе се реализираат повеќе слични проекти, со уште поголемо учество на млади од различни земји, оценувајќи дека токму младите се важен дел од иднината, како на ваквите иницијативи, така и на институциите и општеството во целина.

Инаку, проектот „Нашите приказни, нашите гласови: Ромската младина за регионални промени“ е дел од шемата за грантови „Иницијативи од локално ниво“ (GGI), кофинансирана од Фондот за Западен Балкан и Европската Унија. Носител на проектот од Македонија е ТЕРНИПЕ МК од Делчево.

Shares