Општина Делчево и ЦЕА ја зајакнуваат соработката за транспарентни и отчетни климатски финансии

  • News

Општина Делчево и Центарот за економски анализи – ЦЕА потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за соработка во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот во климатските финансии: Транспарентни и отчетни климатски финансии за спречување на корупција“.

Проектот се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија, во рамките на ИПА 2021 – „ЕУ за владеење на правото“, а неговата основна цел е зајакнување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот при планирањето, распределбата и користењето на јавните средства поврзани со климатските промени и заштитата на животната средина. Проектот ќе трае 30 месеци.

Со потпишувањето на Меморандумот, Општина Делчево ќе биде активно вклучена во активности насочени кон анализа и подобрување на локалните практики за климатско финансирање, зајакнување на капацитетите на општинската администрација, поголема транспарентност на информациите поврзани со климатските и еколошките проекти, како и подобро вклучување на граѓаните, бизнис секторот и граѓанските организации во процесите на планирање, следење и оценување на локалните политики.

Во рамките на проектот се предвидува и техничка поддршка за општините преку работилници за климатско буџетирање, управување со ризици, транспарентност и антикорупциски практики, како и развој на практични алатки и дигитални решенија за подобро следење на финансиските информации поврзани со климата.

Истражувањето на јавното мислење спроведено од ЦЕА во девет општини покажува дека граѓаните на Делчево имаат релативно добро ниво на информираност и познавање на темата климатско финансирање. Дури 64% од испитаните граѓани во Делчево се информирани за поимот барем на едно ниво, додека околу 21% можат спонтано да дадат суштински точно објаснување за климатското финансирање. Овој резултат е над просечниот резултат од вкупниот примерок опфатен со истражувањето.

Овие резултати претставуваат добра основа за понатамошно развивање на локалните политики и подобрување на комуникацијата со јавноста. Анализата на ЦЕА оценува дека кај Делчево главниот предизвик не е препознавањето на темата, туку претворањето на постојното знаење и информираност во поголемо граѓанско учество и активен надзор.

Позитивни показатели се забележуваат и во посебното истражување спроведено меѓу претставниците на локалниот бизнис сектор. Кај компаниите од Делчево опфатени со анкетата, индексот на информираност за климатско и зелено финансирање изнесува 66,7 поени, индексот на транспарентност 70,8, а индексот на доверба 86,9 поени од вкупни 100.

Извештајот го издвојува Делчево како општина со особено поволна оценка од испитаните претпријатија, но истовремено препорачува постојниот круг на вклучени локални компании дополнително да се прошири и да се создадат можности во дијалогот да бидат вклучени и фирми кои досега немале искуство со вакви процеси.

Преку соработката со ЦЕА, Општина Делчево ќе има можност дополнително да ги зајакне своите институционални капацитети, да ја подобри достапноста и разбирливоста на информациите за климатските и еколошките инвестиции и да развива механизми за поактивно вклучување на граѓаните и локалниот бизнис сектор.

Посебен фокус ќе биде ставен на подобрување на транспарентноста и отчетноста при користењето на јавните средства, зајакнување на климатското буџетирање, подобро информирање на јавноста, како и создавање услови граѓаните и компаниите полесно да се вклучуваат во креирањето и следењето на локалните климатски политики.

Со ова партнерство, Општина Делчево и ЦЕА ја потврдуваат заедничката определба за поотворено, транспарентно и одговорно локално управување и за ефикасно користење на средствата наменети за справување со климатските промени и унапредување на животната средина.

Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

Shares