
Градоначалникот Гоцевски на прес-конференција најави отворена платформа за граѓански иницијативи, засилена грижа за животната средина, поголема поддршка за ранливите категории, инвестиции во комуналната инфраструктура и нов пристап кон локалниот економски развој.
Кампањата „ГоСакамДелчево“, започната на 19 мај 2024 година од селото Разловци, продолжува со нова фаза во која фокусот се става на поголемо вклучување на граѓаните во утврдувањето на приоритетите и креирањето конкретни решенија за подобар живот во Општина Делчево.
На денешната прес-конференција, градоначалникот најави дека целта е кампањата да прерасне во отворена и активна платформа за соработка меѓу Општината, граѓаните, граѓанските организации, бизнис-заедницата, младите и сите добронамерни луѓе кои сакаат да придонесат за развојот на Делчево.
Во новата фаза на кампањата се издвојуваат пет области во кои ќе се насочат активностите и граѓанските иницијативи.
- Почиста животна средина и уредени јавни простори
Општината ќе продолжи со иницијативи за чистење на јавните површини, уредување на зелените простори, засадување садници и подигање на јавната свест за заштита на животната средина. Градоначалникот најави целосна мобилизација на надлежните општински служби во справувањето со појавите што ја загрозуваат животната средина. Истовремено, граѓаните се повикуваат да ги користат каналите за комуникација со Општината за пријавување загадувачи, диви депонии и други проблеми. Целта е грижата за животната средина да стане трајна заедничка обврска, а не само повремена активност.
- Повеќе хуманост и солидарност
Посебен акцент ќе биде ставен на поттикнувањето донаторски и хуманитарни акции за поддршка на граѓаните и семејствата на кои им е потребна помош. Преку вклучување поединци, компании, здруженија и други добронамерни субјекти, ќе се создаваат можности за организирана, достоинствена и транспарентна поддршка на најранливите категории. Градоначалникот најави дека значителен дел од Буџетот на Општина Делчево за 2027 година ќе биде насочен кон поддршка на сограѓаните на кои им е потребна помош од заедницата.
- Комуналната инфраструктура и потребите на граѓаните – приоритет во планирањето за 2027 година
Преку кампањата, граѓаните ќе имаат можност непосредно да ги посочат проблемите и потребите во своите населби, улици и населени места. Во фокусот ќе бидат уличната инфраструктура, водоснабдувањето, јавното осветлување, одржувањето на јавните површини, зеленилото и другите комунални прашања.
Како што беше истакнато на прес-конференцијата, Општината веќе работи на подготовка на техничка документација за значајни проекти кои треба да бидат планирани во Буџетот за 2027 година. Целта е граѓанските потреби да се утврдуваат навреме, приоритетите да се планираат систематски, а решенијата да добијат соодветно место во годишните програми за работа.
- Посилна поддршка за локалниот економски развој
Локалниот економски развој добива засилено значење во работата на општинската администрација, со фокус на потребите на стопанството и создавањето подобри услови за економски напредок. Преку кампањата ќе се поттикнуваат идеи за развој на претприемништвото, туризмот и руралните потенцијали, афирмација на локалните производители и отворање нови можности за младите.
За таа цел, градоначалникот најави функционална анализа во Општина Делчево, насочена кон оптимизација на јавните услуги, подобрување на административните процеси и поефикасна поддршка на стопанството.
„Нема веќе погрешен шалтер, нема веќе заборавени предмети, нема празни бироа и затворени врати на општинските служби“, порача градоначалникот, нагласувајќи ја определбата за поефикасна и подостапна општинска администрација.
- Поголеми можности за младите, културата и спортот
Младите, културата, спортот и квалитетот на животот остануваат значајни приоритети на локалната самоуправа. Општината ќе продолжи да ги поддржува граѓанските иницијативи што придонесуваат за побогат културен и спортски живот, поголема општествена вклученост, меѓугенерациска солидарност и создавање услови младите да ги развиваат своите потенцијали во Делчево.
Повик за активно учество на граѓаните
Градоначалникот упати повик до сите граѓани, без разлика на возраста, професијата или местото на живеење, да се вклучат во кампањата со идеи, знаење, време и конкретни иницијативи. Повикот е упатен и до компаниите, занаетчиите, земјоделците, младинските организации, здруженијата на граѓани, културните и спортските работници, иселениците и пријателите на Делчево.
Во тек е воспоставување поорганизиран начин за прибирање и разгледување на граѓанските предлози, утврдување приоритети и поврзување на поединците и организациите кои сакаат да помогнат во нивната реализација. Притоа, беше нагласено дека кампањата не е замена за законските обврски на локалната самоуправа, туку дополнителен механизам за граѓанско учество, партнерство и заедничко дејствување.
„Општина Делчево е сервис на сите граѓани, а јас како градоначалник силно работам тој атрибут да го оправдам“, истакна Гоцевски.
Кампањата „ГоСакамДелчево“ продолжува со јасна порака дека развојот на заедницата е заедничка одговорност и дека секоја добра идеја може да биде почеток на позитивна промена.
„Делчево не го сакаме само со зборови. Го сакаме со нашите дела, со нашата грижа и со нашата подготвеност да направиме нешто добро за местото што ни е заеднички дом. ГоСакамДелчево! Заедно да го направиме подобро!“, порача градоначалникот Гоцевски.



