
Поддршката од Владата за развојот на Делчево, инвестициите во здравствената заштита и почетокот на реконструкцијата на градската спортска сала беа во фокусот на денешната посета на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој во Делчево престојуваше заедно со министерот за здравство, Сашо Клековски, министерот за спорт, Борко Ристовски и директорот на Фондот за здравство, Златко Перински.
Во придружба на градоначалникот Иван Гоцевски, владината делегација го посети Здравствениот дом „Гоце Делчев“, каде што се запозна со условите за работа, потребите на здравствената установа и инвестициите што се реализираат и се планираат за подобрување на здравствените услуги во Делчево.
Во рамките на посетата беа презентирани значајните вложувања во здравствениот дом, меѓу кои потпишаниот договор за набавка на мамограф во вредност од 13 милиони денари, обезбедувањето две амбулантни возила за Брзата помош, добиените 17 согласности за нови вработувања на медицински персонал, набавката на апаратура за далечински мониторинг на пациенти, како и обезбедувањето нови простории за потребите на Фондот за здравствено осигурување.
-Околу нова година ќе се постави мамографот во Здравствениот дом во Делчево. Во овој период ќе се изврши обука на техничарите во Кочани, докторката веќе работи на мамографија во болницата во Кочани, така што од јануари 2027 година ќе биде достапна мамографијата за пациентките од целиот регион. Ќе го комплетираме и делот на радиодијагностика со дигитализација на рентгенот што ќе ја олесни комуникацијата со другите установи, истакна министерот Клековски.
Централниот дел од посетата беше посветен на започнувањето на градежните работи за реконструкција на градската спортска сала, еден од значајните инфраструктурни проекти за Делчево, за кој Општината обезбеди околу 50 милиони денари од Владата, преку Министерството за спорт.
Проектот опфаќа целосна реконструкција на постојниот објект, доградба на недоизградените делови и обезбедување на потребните инфраструктурни приклучоци, со цел спортската сала да биде ставена во целосна функција и да понуди современи услови за спорт и рекреација.
Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека поддршката од Владата е значајна за реализација на проектите што носат конкретни придобивки за граѓаните и создаваат услови за долгорочен развој на Делчево.
– Развојот и урбанизацијата на населбата Спортско-рекреативен центар, беше наш таргет изминатиов период и овде се инвестирани околу 2 милиони евра во најразлични инфраструктурни објекти, како улици, подземна инфраструктура, јавно осветлување, но и нов скејт-парк кој го дополнува спортскиот комплекс составен од фудбалско игралиште, градски базен. Сега овде ќе додадеме уште еден значаен спортски објект- градската спортска сала која ќе биде куќа на спортот за сите генерации, нагласи Гоцевски.
Гоцевски упати благодарност до претседателот на Владата Мицковски и до ресорните министерства за поддршката и нагласи дека ова не е само инвестиција во еден објект, туку инвестиција во иднината на Делчево, во нашите деца и млади, во спортските клубови и во сите генерации кои заслужуваат современи услови за спорт и рекреација.
Министерот за спорт, Борко Ристовски посочи дека вредноста на работите на реконструкција на салата е околу 50 милиони денари и додаде дека работите треба да завршат за 18 месеци.
-Ова е уште еден чекор што Министерството за спорт сака да го направи, а тоа е комплетно враќање во живот на сите оние заборавени спортски центри на териоторијата на цела Макеоднија. По реконструкцијата на оваа сала, очекувам Делчево да заживее како спортски град, нагласи министерот Ристовски.
Во Делчево разговаравме за новите проекти и направивме една ретроспектива на тоа што е досега направено, нагласи премиерот Мицковски во својата изјава за медиумите.
-Се заблагодарувам на градоначалникот на Општина Делчево кој е жестоко мотивиран, импресионира со новите планирани проекти и се бори за својата општина. Јас ја поздравувам неговата работа и давам поддршка и се заблагодарувам на сите советници, луѓето од администрацијата во Општина Делчево кои помагаат секој од овие проекти да биде реализиран и помагаат во намерата сето тоа што било заборавено денеска да добие контура кој го подобрува квалитетот на живот на граѓаните на Делчево и на општините од Пијанечко- Малешевски регион. Се заблагодарувам и на колегите од Владата коишто работат во интерес да се испорача проект повеќе, на цела терторија на Макеоднија. Како Влада даваме сè од себе да испорачаме повеќе проекти, да санираме проблеми, да креираме политика повеќе, со која ќе успееме да го олесниме животот на нашите граѓани. Мотивирани сме и сакаме да направиме Македонија да биде пристојно место за живеење, порача премиерот Мицковски.
Посетата на Делчево уште еднаш ја потврди важноста на институционалната соработка и партнерството меѓу централната и локалната власт во реализацијата на проекти што ги унапредуваат условите за живот на граѓаните.



