Делчево доби уште една Урбана заедница – формирана УЗ во населбата „Пролет“

  • News

На барање на жителите на новата населба „Пролет“, формирана е нова Урбана заедница, чија цел е жителите организирано и непосредно да ги застапуваат своите интереси, потреби и приоритети пред локалната самоуправа. За претседателка на Советот на Урбаната заедница едногласно е избрана Жаклина Николова-Ружинска.

Советот на Урбаната заедница „Пролет“ брои седум членови, од кои три се жени: Жаклина Николова-Ружинска, Далибор Ангеловски, Даниела Чучурска, Крсте Стоичовски, Антонио Милчевски, Никола Мајсторски и Маријана Стоилова.

Со формирањето на новата урбана заедница, Општина Делчево сега има вкупно 29 месни и урбани заедници, кои претставуваат непосредна врска меѓу граѓаните и локалната самоуправа и овозможуваат нивно поактивно учество во идентификувањето на проблемите и предлагањето решенија за подобрување на условите за живот во населените места и населбите.

Посебно значајна е и застапеноста на жените во овие тела на локалната самоуправа. Со изборот на Жаклина Николова-Ружинска, за првпат во Делчево четири жени се претседателки на месни и урбани заедници, додека вкупно 17 жени се членки на нивните совети. Овие бројки покажуваат сè поголема вклученост на жените во локалното организирање и во процесите на одлучување за прашања што непосредно го засегаат секојдневниот живот на граѓаните.

Месните и урбаните заедници се важна алка во функционирањето на локалната самоуправа. Преку нив, граѓаните имаат можност непосредно да ги изразат своите барања, да предлагаат иницијативи и активно да придонесуваат во развојот на својата заедница.

Формирањето на Урбаната заедница „Пролет“ е уште една потврда за значењето на граѓанската иницијатива и потребата од посилна комуникација и соработка меѓу жителите и Општината.

Shares