На подрачјето на Општина Делчево од страна на ОСБСП Делчево и ОВР Делчево се реализираше едукативно – превентивна активност за одговорно учество на возачите во сообраќајот, како дел од кампањата НЕ ПИЈ- КОГА ВОЗИШ која е насочена кон подигнување на сообраќајната култура и безбедноста во сообраќајот.
На учесниците во сообраќајот преку непосредни средби им беа поделени едукативни материјали изработени од РСБСП со укажување за важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи, со акцент на оние кои се однесуваат на алкохолот.
Алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и ја намалува нивната способност за брзо и ефикасно дејствување во случај на непредвидни ситуации и закани во сообраќајот.
Согласно со анализата на податоците за случени сообраќајни незгоди на подрачјето на Општина Делчево во 2024 година, каде беше анализирано присуството на алкохол кај возачите се забележува дека во 52% од незгодите, возачот на моторното возило бил под дејство на алкохол.
Воедно, напоменуваме дека според членот 297-а од Кривичниот законик за Бeзобѕирно управување со моторно возило е наведено дека: Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/кг во крвта, дроги, психотропни супстанции или прекурзори, возејќи во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 50 км на час во населено место или 70 км на час надвор од населено место над дозволената, а сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
ОСБСП Делчево и ОВР Делчево апелираат:
- Доколку пиете алкохол – НЕ управувајте со моторно возило;
- Во патнички автомобил, на предното седиште НЕ СМЕЕ да се превезува лице коеочигледно е под дејство на алкохол;
- Возачот НЕ СМЕЕ да управува со возило во сообраќајот на патот, ниту да започне да управува со возило ако е поддејство на алкохол;
- Кај професионалните возачи и возачите почетници НЕ Е ДОЗВОЛЕНО никакво количество алкохол во крвта.