
Пополека Новогодишната приказна во Делчево се расплетува и станува секојдневен препознатлив белег на нашиот град. Во вторник, 16.12.2025 година почнуваме рано претпладне во 10.00 часот со музика посветена на нашите најмлади, кои што ќе се придружат на плоштадот во центарот на Делчево кај новогодишната елка со свои креативни содржини, под будното око на нивните наставници во соработка со ЈЛБ “Илинден” Делчево. Во 12.30 часот во Мултифункционалниот центар во Спомен домот АСНОМ ќе имаме литературно претставување на делото на Ленче Стојменова во организација на НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево во рамки на нивната Литературна дејност. Попладне кај новогодишната елка ќе слушаме музика од нашиот ангел- вечниот Тоше Проески, за потоа во 17.30 часот сцената да му ја препуштиме на нашиот мајстор на добрата забава DJ ALADAGLY. Новогодишните куќички се веќе ставени во “полн погон”, така што вредните раце на нашите трудољубиви домаќини на нашиот новогодишен базар ги очекуваат сите посетители да бидат услужени. Магијата продолжува и во наредните денови се до склопувањето на стрелките на часовникот на полноќ на 31 декември.



