
Заврши реконструкцијата на ул „Кочо Рацин“ во населбата Милково Брдо. Согласно со проектот на оваа улица се реконструираше подземната инсталација-реконструкција на старата водоводна мрежа и замена на старата инсталација со нова полиетиленска инсталација, по што се реконструираше и коловозот на улицата во должина од 108 метри. Градоначалникот Иван Гоцевски направи увид во завршните работи и посочи дека во населбата Милково Брдо се финишира уште еден инфраструктурен проект кој е од големо значење за жителите, придонесува за урбан изглед на населбата и подобар квалитет на животот на граѓаните.
-Улицата која претходно создаваше голем број проблеми на жителите поради ископаните дупки и беше небезбедна и за возачите и за пешаците, сега веќе претставува современа сообраќајница и придонесува за поголема безбедност во сообраќајот. Воедно, се изврши и замена на старата дотраена водовона инсталација со што директно влијаеме врз квалитетот на водата за пиење и на здравјето на жителите. Во оваа прилика сакам да истакнам дека продолжуваме со градежните зафати за реконструкција и изградба на планираните улици и работиме на изградба на современа патна инфраструктура во Делчево и значително влијаеме на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, нагласи Гоцевски.
Вредноста на проектот изнесува 1,8 милиони денари, а работите ги изведуваше ОСД Кирил-Штип.
Реконструкцијата на оваа улица е дел од големиот пакет инфраструктурни проекти финансиски поддржани од Владата. Пакетот кој се инвестира во Делчево тежи 142 мил денари, а неговата реализација се движи со планираното темпо.






