Осветени водите на река Брегалница во Делчево

  • Новости

Васил Панчовски денеска беше најсреќен и највешт и успеа од триесетината момчиња кои се фрлија во студените води на река Брегалница, да го фати светиот крст при церемонијата за осветување на реката Брегалница.

Традиционално, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски на среќниот фаќач на светиот крст му доделува парична награда во износ од 10.000 денари.

– Крштевањето, како една од повеќето свети тајни на христијанството, значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.  Oвој ден носи благородна порака на прочистување, оптимизам, надеж и верба во доброто, совршеното, чистото. Со симболичниот чин на фрлање на светиот крст, ние се потсетуваме на денот кога се крштеваше Исус Христос во реката Јордан, а чинот на осветување на водите на реката Брегалница е голем по значење, а уште поголема е традицијата која нѐ обединува во вербата и во желбите за бериќет и благосостојба. Упатувам честитки на нашиот сограѓанин кој успеа да го фати светиот крст од студените води на Брегалница и му посакувам да го следи среќа и него и неговото семејство, а да донесе среќа и бериќет на целиот наш град. Нека е за многу години, рече Трајковски.

Чинот на осветување на водите на реката по повод големиот христијански празник Богојавление го следеа илјадници верници во Делчево.

Инаку, по повод големиот христијански празник Водици, утрово во црквата „Успение на пресвета Богородица“ се одржа богојавленска литургија на која присуствуваа голем број верници, како и градоначалникот Горан Трајковски и претседателот на Советот на Општина Делчево, Драган Маневски, советници од Советот на Општина Делчево.
Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. некрстени денови, туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

 

 

Shares