Делчево одбележа 76 години од Февруарскиот поход

Планинари од Делчево, Берово и Пехчево, заедно со претставници од институции и здруженија на граѓани од Делчево и соседните општини учествуваа на планинарскиот марш на планината Голак организиран по повод 76-годишнината од Февруарскиот поход.

Одбележувањето започна со планинарски марш до Голак во должина од 12 км (во една насока) по што се положи свежо цвеќе пред спомен-плочата на Февруарскиот поход поставена на планината Голак, а претставници од КУД „Гоце Делчев“ преку рецитал потсетија на историските факти кои го одбележаа овој стратешки поход изведен во 1944г.

Организатор на настанот е Општина Делчево, а покровител е градоначалникот, Горан Трајковски, кој истакна дека Делчево со почит се сеќава на борбените операции на Третата борбена единица во регионот на Голак, Беласица, Плачковица и Осогово.

-Успешното изведување на Февруарскиот поход имало големо политичко и воено значење за текот на НОВ во Македонија, воопшто. Ова нѐ убврзува да се потсетиме на еден бурен период и за непокорот, за жртвите дадени за животот во слободна и самостојна македонска држава.  Аманетот од овие борци за слобода, нас нѐ задолжува да истраеме на патот кон европско издигнување на нашата држава и конечно етаблирање на Република Северна Македонија во европското семејство градејќи ги и имплементирајќи ги европските вредности. Секоја генерација си има своја борба, нашата е посветена да изградиме современа држава, да создадеме едно општество за сите граѓани.  Делчево со гордост го одбележува овој значаен ден од нашата историја, а мене, како покровител на настанот, ме радува фактот што денеска на овој настан има голем број учесници, а 100-ина планинари успешно го поминаа патот до планината Голак, рече Трајковски.

На учесниците на настанот им беа додели благодарници.

Инаку, планината Голак заедно со Беласица, Плачковица и Осогово била дел од маршрутата на Третата борбена единица која заедно со Главниот штаб требало да стигне за десетина дена во Источна Македонија со што започнале борбените операции од пошироки размери на македонската партизанска војска познати како Февруарски поход.

0Shares
0