Нова ЕУ -програма: ИПА 2020 за општините

Сесијата „Бура од идеи“ во рамките на подготвителните активности за ИПА 2020 за општините се одржа денеска во Делчево. На сесијата присуствуваа претставници од Општина Делчево, НВО-секторот и од локалните институции, а процесот го водеа тим- лидерот на проектот Клаус Рихтер и Барди Марку, експерт на проектот.

На сесијата, учество зеде и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој истакна дека програмата ќе даде значителна поддршка на општините и ќе отвори нови можности за решавање на проблемите на општините.

-Очекувам од присутните активно да се вклучат во просецот, а за дефинирањето на идејниот проект ќе биде формирана и работна група. Станува збор за проект, во кој носител треба да биде општината, а проектот треба да даде придонес во надградбата на капацитети, подобрување на квалитетот на давање услуги, а овде не се опфатени инфраструктурни проекти. Оваа програма бара нови иновативни концепти, како иновативни општински услуги, социјална заштита и социјални услуги, одржлив раст и циркуларна економија, овозможува нови вработувања или способности за локалната економија. Според временската рамка, проектниот концепт треба да биде готов до месец јуни годинава, рече Трајковски.

На средбата, беа образложени деталите за новата програма ИПА 2020, за можностите кои ги нуди, како и за можностите за партнерски здружувања на општината. 

На сесијата беше потенцирано дека вкупниот буџет на Програмата која се однесува за сите 80 општини и градот Скопје, изнесува 6,25 милиони евра, односно ќе бидат прифатени од 12 до15 апликации од општини во износ од 500.000 евра.

0Shares
0