Поставени пунктови за дезинфекција на возилата

  • Новости

На двата влеза во Делчево се поставуваат инсталации за дезинфекција на возилата кои влегуваат во градот. Во моментов е завршено поставувањето на пунктот кој се наоѓа на магистралниот пат кај објектот на ЈП Македонија пат, а во текот на утрешниот ден ќе се постави пункт и на булеварот „Македонија“ кај објектот на Графопак. Пред пунктовите се поставува соодветна сообраќајна сигнализација која ќе ги информира возачите за намалување на брзината. Поставувањето на овие пунктови е во насока за дополнителна заштита на сите возила кои влегуваат или излегуваат од Делчево и е дел од мерките предложени на седница на Општинскиот кризен штаб.

Градоначалникот на Општина Делчево,Горан Трајковски, истакна дека инвестицијата е на Општина Делчево, а во соработка со ЈКП „Брегалница“.

-Сакам да изразам голема благодарност до нашите сограѓани Благојчо Радевски и Зоран Бошначки, како и до тимот на ЈКП „Брегалница“ кои ни помогнаа да ја реализираме оваа идеја. Воедно, уште еднаш апелирам до граѓаните кои патуваат со моторни возила, задолжително, покрај дезинфекцијата на овие пунктови, да вршат и сами редовна дезинфекција на сопствените возила, но и да ги почитуваат сите останати препораки од Владата и Министерството за здравство, рече Трајковски.

Shares