Асфалт на улица 7 во населбата СРЦ

Денеска се асфалтира улицата 7 во населбата СРЦ во Делчево со што за прв пат оваа улица добива асфалт, а населбата добив нов урбан лик. Улицата е со должина од 290 метри и е изградена во рамките на проектот „Подобрување на јавните општинските услуги“ кој се реализира преку Проектната единица на Министерство за финансии финансиран преку Светска Банка. Во рамките на овој проект се реконструираат и улиците „Маршал Тито“ во должина од 743 м и ул „Вера Јоциќ“ во должина од 599 м.

Граоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, денеска направи увид во градежните работи и изрази задоволство од текот на работите истакнувајќи дека е во завршна фаза големиот инфраструктурен проект „Подобрување на јавните општинските услуги“ преку кој е извршена реаконструкција на улици во градот со должина од 1,3 км, а изградена е комплетно нова улица во населбата СРЦ.

-Преку проектната единица на Министерство за финансии и проектот за подобрување на општинските услуги МСИП финансиран преку Светска Банка, Општина Делчево доби средства за подзаем од 32.252.287 денари за реализација на проектот „Подобрување на јавните општински услуги во Општина Делчево” што подразбира, реконструкцијата на улица „Маршал Тито“ со должина од 743 метри, реконструкција на улицата „Вера Јоциќ“ со должина од 599 метри и изградба на комплетно нова улица во населбата СРЦ улицата бр. 7, во должина од 290 метри. Целта на овој проект е подобрување на квалитетот на животот на локалното население од овие улици, но воедно и на сите жители на Општина Делчево, рече Трајковски.

Тој додаде дека наскоро се очекува да започне асфалтирањето и на ул „Маршал Тито“, каде се изградени низа објекти по должината на улицата, како потпорни ѕидови, цевкаст пропуст и реконструкција и проширување на плочестиот пропуст, а ќе се асфалтира и ул.„Вера Јоциќ“, каде завршуваат подготвителните работи за асфалтирање.

-Сакам да истакнам дека со реализација на овој проект решаваме големи проблеми на граѓаните, го подобруваме квалитетот на животот и придонесуваме за поголема безбедност во сообраќајот,  а исто така, се зголемува капацитетот на протокот на овие улици, но и се намалуваат трошоците за одржување на веќе дотраените коловозни ленти на улиците „Маршал Тито” и „Вера Јоциќ”, додека, пак, улицата бр. 7 во населбата СРЦ доби комплетно нов лик и од земјена улица прерасна во асфалтирана улица со тротоар и  комплетен систем за атмосферски води, истакна Трајковски.

Директна корист од реализацијата на овој проект имаат 1130 жители на општина Делчево.

 

Shares