Првиот училишен ден без проблеми во делчевските училишта

  • Новости

Првиот училишен ден од новата учебна година 2020/21 започна без проблеми во трите образовни институции за 1461 ученик во Делчево. Со примена на сите протоколи за заштита од ковид-19, денеска делчевските училишта ги отворија вратите за 425 ученици кои наставата ќе ја следат со физичко присуство, додека останатите наставата ќе ја следат со далечинско учење.

Во ООУ „Св. Климент Охридски“ годинава во прво одделение се запишани 64 ученици, а настава со физичко присуство за одделенијата од 1 до 3, следат вкупно 122 ученици во централното училиште и 120 ученици во подрачните училишта. Со далечнско учење се опфатени 276 и 8 ученици од посебните паралеки од 5-9 одделение.

Во ООУ „Ванчо Прке“ годинава има 43 првачиња, додека вкупно настава со физичко присуство од 1 до 3 одделение следат 160 ученици во централното училиште и 23 ученици во подрачните училишта во Ѕвегор и Габрово.  Онлајн настава следат 349 ученици.

Првиот ден од учебната година со далечинско учење започна без проблеми и за делчевските средношколци. Годинава во СОУ „М. М, Брицо“ онлајн настава следат 403  ученици.

Честитка по повод почетокот на новата учебна година испрати градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски. Тој истакна дека колку побрзо ја прифатиме новата нормалност во која живееме и работиме и колку искрено сите се вложуваме во образовниот процес, било да се одвива онлајн или со физичко присуство, толку побрзо ќе стигнеме до резултатите.

Во доста специфични услови, денеска започнува новата учебна година. Како никогаш досега, соочени сме да обезбедиме безбеден по здравјето образовен процес и за сите ученици и за сите наставници. Затоа, треба да сме одговорни, дисциплинирани, да ги почитуваме препораките и да вложиме напори, сите заедно да го направиме овој процес успешен, бидејќи образованието е важно и за него нема алтернатива, тоа ви го трасира патот кон вашата иднина, истакна Трајковски.

Shares