Совет на Општина Делчево: усвоен Ребалансот на Буџетот за 2020 година

Советниците на денешната Седница на Советот ја усвоија Одлуката за измени и дополнувања на Буџетот на Општина Делчево за 2020 година. Во Ребалансот кој претставува нов Буџет за годината, се извршени измени и дополнување на Буџетот на Општината, односно извршено е намалување на Буџетот од околу 14,8%  и вкупниот буџет ќе изнесува 301.439.700 денари.

Намалувањето на вкупниот Буџет на Општината со измените и дополнувањата е за 52.628.411 ден. и тоа намалување  на  Основниот буџет за 32.204.000 ден., или 29%, незначително намалување на буџетот на дотации за 318.211 ден., намалување на буџетот на донации за 14.490.200 ден. или 32% и намалување на буџетот на кредити за 5.616.000 денари или за 17,4%. Во буџетот на самофинансирачки активности нема измена.

На 46 Седница советниците донесоа Одлука за утврдување на цената на висината на надоместокот за користење на мртовечницата со ладилник (капела) на градските гробишта Делчево, донесена од Управниот одбор на ЈКП „Брегалница“-Делчево. Согласно Одлуката, висината на надоместокот за користење на мртовечница со ладилник (капела) на градски гробишта Делчево, се утврдува во износ од 2.000,00 денари.

Пред советниците беа и предлог-одлуките за измена на Годишниот план за вработување на ЈЛБ „Илинден“, за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Општина Делчево и Општина Македонска Каменица, како и одлуките за стипендии на ученици и студенти од Делчево. Исто така, на Дневен ред беа и повеќе одлуки од областа на урбанистичкото планирање.

Shares