Одбележан Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди

  • Новости

Отсекот за превенција при СВР Штип во соработка со Републичкиот завод за безбедност во сообраќајот на патиштата, денес во Делчево ја реализираше кампањата наменета кон учесниците во сообраќајот со што се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи.

Статистиката зборува дека оваа година на подрачјето на Источниот регион е забележано значително намалување на жртвите и повредените во овие сообраќајни незгоди.

-На подрачјето на СВР Штип, каде потпаѓаат и општините Делчево, Берово, Пехчево и Македонска Каменица до месец октомври имаме 16 сообраќајни незгоди и 17 починати лица. Изразуваме благодарност до градоначалниците на општините Делчево Берово и Пехчево, каде денес на нивно подрачје се реализираат овие превентивни активности за придонесот кој го даваат за подобрување на патната инфраструктура, со што директно се влијае за  побезбедено учество на сите учесници во сообраќајот, рече Ангелчо Стојановски од Отсекот за превенција.

Минатата година во држава како што додаде Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, се регистрирани 132 загинати жртви во сообраѓајни незгоди и притоа имало 5164 повредени.

Обврска на градоначалниците во однос на оваа кампања е да работат на проекти за подобра патна инфраструктура и реализација на поголем број сообраќајни проекти, истакна Трајковски.

-Во однос на оваа кампања сите градоначалници се трудат да имаат свој придонес за да не биде само овој ден кога  се потенцира овој актуелен проблем. Она што ние треба да го направиме е секојдневно да се грижиме за да ги подобруваме условите и квалитетот на животот на граѓаните преку со подобрување и осовременување на инфраструктурата. Во таа насока мора да се трудиме да обезбедиме и изработуваме и сообраќајни проекти за поставување вертикална и сообраќајна сигнализација на улиците кои ги градиме, за да можат и пешаците и возачите бидат побезбедни, рече Трајковски.

СВР Штип и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата денешната активност ја реализираат на иницијатива на Светската здравствена организација која секоја година се одбележува секоја третата недела во ноември.

Shares