Одржан буџетскиот форум

  • Новости

Преку зум-платформата денеска се одржа најавениот буџетски форум, како една од алатките во услови на пандемија да се поттикне граѓанското учество за креирање на Буџетот на Општина Делчево за 2021 г. Претставници од месни заедници, од граѓанските организации, претставници од бизнис-заедницата во Делчево учествуваа на Форумот за општински буџет кој го организираше Општина Делчево и кој е во рамките на процесот на изработка на Буџетот за 2021 година, а на кој му претходеа и јавна анкета, како и писмено доставени приоритети од месни и урбани заедници од одржани состаноци.

Целта на организацијата на форумот е одредување на приоритетните проекти за реализација за наредната година детектирана од граѓаните, а Општина Делчево почитувајќи го гласот и мислењето на граѓаните и анализирајќи ги приоритетите на граѓаните ќе ги предвиди за реализација.

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој го отвори Форумот истакна дека во изминатите три години се решија децениски проблеми, но има уште доста нерешени проблеми, а ова е форма преку која се слушне гласот на граѓаните.

– Во Развојната програма за 2021 година, главен аспект ќе дадеме на изградбата на современ градски пазар. Средства во висина од 7 милиони денари се обезбедени од Агецијата за финансиска поддршка и рурален развој, а уште 7,9 милиони се предвидени во Буџетот на Општина Делчево за првата фаза, додека за втората фаза од изградбата за 2021 г. се обезбедени дополнителни 14 милиони денари преку Источно-планскиот регион. Изградбата на градскиот зелен пазар е од најголем приоритет за 2021 г, но тоа не значи дека нема да градиме и друга инфарструктура, како улици, водоводни и канализациски системи, истакна Трајковски.

Тој додаде дека секоја година во Буџетот се предвидуваат средства за реализација на најразлични програми, како програмата од областа на заштита на животната средина, од областа на културата, програма за односи со јавноста и промоција на општината, програмата за родова еднаквост, средства за поддршка на реализација на проекти на граѓанските и спортските клубови и сл.

Во рамките на процесот беа презентирани актуелните и планираните проекти на Општина Делчево, како и предлог-рамката на Буџетот за 2021 година, а во вториот дел од Форумот, учесниците ги претставуваа своите приоритети.

Shares