Трајковски: Буџетот за 2021 г на Општина Делчево е развоен

Капиталните инвестиции во Основниот буџет на Општина Делчево за 2021 година се проектирани во износ од 62.585.456 денари, или 53,4% додека во вкупниот Буџет, тие се планирани во износ од 83.156.429 денари. Развојната компонента дава очекување, за економски раст на општината во 2021 година, бидејќи капиталните проекти очекувано се зголемуваат и по број и по квалитет. Ова го истакна градоначалникот Горан Трајковски во образложението на Буџетот на Општина Делчево за 2021 година пред делчевските советници.

Трајковски потенцираше дека Општина Делчево се наоѓа во фаза во која е неопходнo продолжување на инвестициите во инфраструктурата како услов за раст и развој на општината. Буџетот на Општина Делчево е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства се расходи се наменети за капитални проекти, односно капитални инвестиции.

 Во 2021 година планираме да изградиме улици во нас.Расадник, во Први, Втори и  Трети Реон, улицата 3 од пешачкиот мост до новиот градски зелен пазар,улици во населба Стрелиште,една улица во с.Разловци, една улица во с.Тработивиште, две улици во с.Вирче, две улици во с.Град, две улици во с.Стамер и по една улица во с.Звегор и с.Габрово.Тоа се улици кои се произлезени од приоритетите на граѓаните наведени во анкетните листови од месните и урбаните заедници, како и инфраструктура која е неопходна за целокпниот развој на градот Делчево. Исто така, планирани се средства и за реконструкција на улици во градската средина, а на почетокот на 2021 год. почнува и изградбата на градскиот зелен  пазар во Делчево. За реконструкција се предвидени улиците Скопска, Орце Николов и Острец, како и изградба на стариот локален пат Делчево –Тработивиште. Планирани се средства од донација за набавка на специјално противпожарно возило – камион во ТППЕ, како  дел од грантот добиен преку МСИП проектот. Исто така, во буџетот во капитални расходи, од сопствени средства е планирана набавка на возило за одржување на јавното осветлување. Овие расходи се во функција на подобрување на јавните услуги и подобрување на инфраструктурата  во Општината, истакна Трајковски.

Клучни капитални проекти за 2021 г се изградбата на градскиот зелен пазар, изградбата на филтер-станицата и патната инфраструктура.

Клучни капитални проекти на кои ќе посветиме големо внимание е изградбата на градскиот пазар и патната инфраструктура, но и максимална посветеност во сите сегменти за отпочнување на изградбата на филтер -станицата за чиста вода за пиење, како најважни сегменти за подобрување и зголемување на квалитетот на животот на граѓаните на Општина Делчево. За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме средства за изградба на канализации и водоводи во општината. Преку Европска инвестициска банка ќе се реконструира комплетно водоводната мрежа во Ново Делчево и дел од нас. Милково Брдо, на потегот од улицата Вељко Влаховиќ кон бензиската на „Макпетрол“. Ова се, генерално, средствата што се планирани да ги инвестираме во реализација на капитални проекти што се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, бидејќи овој Буџет е правен од граѓаните и за граѓаните, рече Трајковски.

Вкупниот буџет на Општина Делчево за 2021 година е планиран на износ од 311.896.856 денари и е планиран согласно законската регулатива. Основниот буџет е проектиран на износ од 117.293.456 денари.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст