Негователки и воспитувачки апелираат: Вакцинирајте се, за да бидат здрави вашите деца!

  • Новости

Во делчевската детска градинка „Весели цветови“ против ковид 19 се вакцинираа негователки и воспитувачки со што се создаваат услови за безбедно по здравјето и нормално одвивање на процесот на згрижување дечиња, а отпор кон вакцината нема кај ниту еден вработен. Ова беше истакнато при посетата на градоначалникот Горан Трајковски на детската градинка, со цел да се запознае со условите на одвивање на згрижување дечиња и со интересот на вработените за процесот на имунизација.
Негователките и воспитувачките кои ја примија вакцината испратија порака: сите да се вакцинираат, бидејќи со вакцината се чува здравјето на децата. Директорката на градинката, Билјана Симовска, потенцираше дека вакцината ја примиле 13 воспитувачки и негователки, а во следната фаза ќе се вакцинира административниот и техничко-помошниот кадар, додека еден дел од вработените веќе ја прележале болеста.

-Многу важно за нас е да се вакцинираме, вакцината е единствениот начин за борба со заразата. Она што значи здравје за нашите деца и вработените го правиме да биде максимално исполнето. Се почитуваат протоколите и од вработените и од родителите. Во наредниот период очекувам да се вакцинира и помошно-техничкиот –персонал и администрацијата во градинката, рече Симовска.

Градоначалникот Трајковски истакна дека радува фактот што имунизацијата во Делчево е прифатена и, конкретно во градинката, се создаваат услови за безбедна по здравјето и непречена работа на детската градинка што има и свое влијание во работењето на економските субјекти.

 -Во Делчево согласно со националниот план за вакцинација на критичната инфраструктура и повозрасните наши сограѓани кои се вакцинираат на пунктот во Делчево, досега се вакцинирани околу 300 граѓани. Во оваа фаза се вакцинираа вработени во градинката, полицијата, наставници од основните училишта кои држат настава со физичко присуство, како и здравствени работници во јавното задравство кои веќе ја примија и втората вакцина. Во таа смисла овие кадри кои се најизложени на контакти и се најпотребни за функционирање на овие битни институции, го препознаа значењето на вакцината, како единствен начин да се победи коронавирусот. Одовде уште еднаш ќе апелирам да се пријавуваат граѓаните за вакцинација, која е единствено оружје за борба против вирусот и воедно да се придржуваат до превентивните мерки за заштита од ковид 19, истакна Трајковски.

Shares