Делчево го чествува аманетот – Планинарски марш во чест на разловечките востаници

Во пресрет на одбележувањето на 145 години од Разловечкото востание, ПСК „Голак“ Делчево под покровителство на Општина Делчево, организираше планинарски марш до месноста Калаџерџево 1130 м.н.в. на планината Обозна, каде е организирано Разловечкото востание во 1876 г од страна на поп Стојан од село Разловци и Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски. Највисоката точка на планинарски марш е врвот Јастреб на 1276 м.н.в. а маршрутата е долга 20 километри со почетна точка во селото Разловци на 690 метри надморска висина.

Годинава, поради актуелната пандемија, на традиционалниот планинарски марш се вклучија само планинари од Делчево со што симболично започна реализацијата на настаните во чест на Разловечкото востание.

Во рамките на програмата „Делчево го чествува аманетот“ која обединува два крупни настани за Делчево, одбележувањето на 145 години од Разловечкото востание и Денот на сесловенските просветители, Општина Делчево во соработка со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ ЈЛБ „Илинден“ , КУД „Гоце Делчев“ и други локални институции ќе организира културни настани согласно со протоколите за заштита од ковид 19, а централната манифестација ќе се одржи на 28 мај во селото Разловци.
0Shares
0