Започна санацијата на кровната конструкција на Спомен –домот „Разловечко востание“

Денеска започнаа градежните работи за санација на кровната конструкција на спомен-домот „Разловечко востание“.  Работите ги изведува фирмата  СТИЛ КОНСТРАКШАН од Прилеп, а треба да завршат за 30 дена.

По тој повод и во чест на 145 години од Разловечкото востание, во посета на Разловци и на увид на стартот на работите беше и националниот координатор за интеркултуризам едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка  при Владата на РСМ, Роберт Алаѓозовски кој изрази задоволство што започнува санација на корвот на објектот кој е легендарен колку што е легендарно и самото село Разловци.

Не постои поголема радост  на годишнината од Разловечкото востание, да го имаме стартот на работите за реконструкција на прокривот на објектот кој е дело на славниот архитект Ѓорѓи Константиновски, кој почина минатата година, така што ова е еден вид комеморација и почит на неговото дело, но и по долгогодишната запоставеност на  овој значаен спомен-дом, конечно, ја започнуваме реконструкцијата. Очекуваме во следните фази во наредните години, еве за 150- годишнината, да го имаме целиот дом реконструирано во неговата изворна смисла, затоа што има неверојатна вредност и затоа што е исто онолку легендарен, колку што е легендарно и самото село и е своевидна реплика и креација на автентичната архитектура која во ова село е добро сочувана, рече Алаѓозовски.

Тој додаде дека уште во 2017 г., Владата согледала дека преку 80 објекти на постојните центри на  културата и домовите на култура биле запоставени при што е напарвен план за инвестирање започнувајќи од најзагрозените.

– Како Влада ние не инвестираме  во стиропор, непродуктивни споменици, не инвестираме само во центарот на Скопје , туку секаде каде што треба. Ова место е легендарно, тоа е во самиот корен и идентитет и нè прави горди Македонци, рече Алаѓозовски.

Проценета вредност на Договорот за јавна набавка за санација на кровната конструкција на спомен-домот во Разловци е 435.568,00 денари без вклучен ДДВ, а инвеститор е Министерството за култура.

Спомен-домот посветен на Разловечкото востание долги години беше оставен  на забот на времето, а состојбата со објектот беше кататстрофална. Спомен- домот е уникатно архитектонско дело на архитектот, проф.д-р Ѓорѓи Константиновски, кој во 1980 ја освои и првата награда за архитектонско решение на весникот „Борба“ на ниво на СФРЈ и на уникатен начин го чува споменот на првото вооружено востание на македонскиот народ за ослободување од Отоманската Империја.

0Shares
0