Одржана 54 Седница на Советот на Општина Делчево

Советот на Општина Делчево денеска ја одржа 54 Седница на која се разгледуваа 26 предлог-одлуки.

Советниците го усвоија Кварталниот извештај за првиот квартал од 2021 г кој е со реализација од 26%, односно од вкупно планираните приходи во висина од 328.158.656 ден., за првиот  квартал се реализирани  84.910.035 денари. Од нив во Основниот буџет се реализирани 33,6%, во Буџетот на дотации се реализирани 22,7%, во Буџетот на донации се реализирани 7% и во Буџетот на самофинансирачки активности се реализирани 10,5%. Даночните приходи се наплатени во износ од 10.323.282 ден. од вкупно планирани 39.025.000 ден. или26,4%; Капиталните приходи се наплатени во износ од 651.249 ден. од вкупно планирани 4.905.000 ден. или 13,3%. Вкупните расходи се планирани во износ од 328.158.656 денари. Од нив се реализирани 80.495.696 или 24,5%. Во Основниот буџет од вкупно планирани 117.293.456 ден. реализирани се 36.754.785 или 31,3%.

На Седницата се усвоени одлуки кои се однесуваат на:  Програмата за градби кои не се предвидени со урбанистички план, односно урбанистичка документација-Отворено спортско игралиште- Скејт парк на дел од к.п. бр.8647/1 КО Делчево; Одлуки со кои се врши одобрување на доставени допопнителни графички прикази за фонтана бр.1 на К.П. бр. 6682/1 КО Делчево и фонтана бр. 2  на К.П. 6683 КО Делчево согласно одредбата предвидена во Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на град Делчево.

Советот ги верификуваше и мандатите на членовите на Локалниот младински совет на Општина Делчево:

  1. Александар Дончовски, Планинарски спортски клуб „Голак“, Делчево
  2. Јована Петровска, ЛК СДММ Делчево
  3. Кристијан Трајановски, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Делчево
  4. Родна Деолска, Регионален центар за застапување, Делчево
  5. Џастин Мемедов, НВО „КХАМ“, Делчево.

Исто така, на денешната Седница, советниците ги усвоија „Профилот и Стратегија за Локален економски развој“ на Општина Делчево за периодот 2021-2025 во која се опфатени 10 стратешки области на делување: инфраструктура, животна средина, образование, култура, туризам, економија, здравство и социјала, спорт и рекреација и јакнење на внатрешните капацитети на ЕЛС и рурален развој.

Меѓу другите точки од Дневниот ред, советниците ја поддржаа и Одлуката за кофинансирање проекти од граѓански организации кои ќе се финансираат преку јавните повици организирани во рамките на ReLOaD2. ReLOaD2 ќе се спроведува во 7 партнерски општини кои ќе бидат избрани преку конкурентен процес, и фокусот ќе се стави на институционализација на интеракцијата помеѓу општините и ГОи.  Партнерските општини ќе се поттикнат да финансираат проекти на ГОи преку јавни повици, на транспарентен и развојно ориентиран начин, препознавајќи ги локалните потреби. Исто така, со проектот ќе се унапредува младинскиот ангажман и ќе се поддржува спроведувањето на младински иницијативи а воедно ќе се работи и на подобрување на нивните економски перспективи во партнерските општинни.

Делчевските советници ја донесоа Одлуката за определување места за истакнување изборни плакати во Општина Делчево; Одлуката за давање позитивно мислење на Статутарната Одлука за измена и дополнување на Статутот на ООУ „Св.Климент Охридски“-Делчево; Одлуки за давање согласност за формирање паралелки со помал број ученици на трите образовни институции и годишните планови за вработување за 2022 г на ООУ „Ванчо Прке“, ООУ „Св.Климент Охридски“, ЈЛБ „Илинден“; Измени на Годишниот план за вработување на ЈКП „Брегалница“ за 2021 г.; Одлука за изменување на Одлуката за организација, делокругот и начинот на извршувањето на задачите на општинската администрација на Општина Делчево и Годишен план за вработување на Општина Делчево за 2022 година;

 Советниците дадоа позитивен одговор и за Одлуката за изменување, дополнување, усогласување со Законот за рамномерен регионален развој на Одлуката за основање на Центар за развој на Источниот плански регион; Одлука за одобрување приоритетен објект по Проектот „Поврзување локални патишта“ финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка.

0Shares
0