Извршено ждребување за истакнување на изборните плакати без надомест за Изборната кампања за Локалните избори 2021

Политичките партии кои учествуваат во Изборната кампања за Локалните избори 2021 година, денеска во Делчево се согласија на почитување на утврдените места за истакнување за изборни плакати без надоместок. На политичките партии учесници во изборите им се определени соодветни локации согласно со Одлуката донесена на Советот на Општина Делчево, а со која се утврдени местата за истакнување изборни плакати на организаторите на изборната кампања, како и согласно со Изборниот законик.

На состанокот, покрај претставници од Општина Делчево, присуствуваа претставници од Коалиција на СДСМ, Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и Левица, а согласно со извршеното ждребување со 1, 2 и 3, секоја од партиите доби соодветен дел од просторот определен за лепење плакати во контекст на Изборната кампања.

Согласно со Одлуката донесена на Советот на Општина Делчево, определени се следните локации за истакнување изборни плакати во Општина Делчево:

А) во градот Делчево:

пред седиштето на политичките партии секоја партија може да постави монтажно-демонтажна рекламна табла со максимални димензии 2х1 метар;

потпорен ѕид кај СОУ „М.М.Брицо“ наспроти комплекс „Делчевчанка“;

потпорен ѕид на Бул.„Македонија“, под ООУ „Св.Климент Охридски“;

потпорен ѕид  на ул. „Солунска“;

потпорен ѕид на почеток на ул.„Пере Тошев“.

Б) Во останатите населени места изборните плакати можат да се истакнуваат на објекти сопственост на Општина Делчево, но и на други станбени и приватни објекти со претходна добиена согласност од сопственикот на објектот.

Од Општина Делчево апелираат до политичките партии за фер и демократски избори  и почитување на Кодексот за фер и демократски изборен процес.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст