Во Делчево одржана работилница за јавните простори

Јавните простори во Делчево се добро уредени, со можности за надополнувања и пред сè подигање на свеста кај граѓаните за нивно зачувување. Ова е генералниот заклучок од одржаната работилница на тема посветена на јавните простори и улогата на жителите и општините во нивното планирање, одржување и трансформација.  Работилницата е во организација на  Здружението КАЖИ КОГА Центар за инклузивен развој Скопје во партнерство со Регионалниот центар за застапување Делчево, во рамки на проектот „Наш град“ на која учествуваа жители на Општина Делчево, претставници од секторот урбанизам на Општина Делчево, локални институции и НВО секторот.

Целта на работилницата беше учесниците да се запознаат со основите на концептот “Placemaking”, односно, обликување и трансформирање на јавните простори заради зајакнување на врската помеѓу луѓето и општествениот простор кој го делат со останатите свои соседи, сожители, минувачи.

Дополнително, преку дискусија, размена на лични искуства и мислења, учесниците  ги  мапираа запуштените простори кои со малку труд можат да бидат разубавени, а ги идентификуваа и клучните проблеми со јавните простори во нивното соседство, маало, општина, а кои ги засегаат лично нив, ги засегаат нивните деца, пензионерите или која  било категорија граѓани.

Мислењата, препораките и заклучоците од работилницата треба да послужат како предлог-„мапа“ за поубави населби и маала, истите ќе бидат сумирани и во периодот кој следува ќе се изнајдат можности за нивно реализирање.

Проектот „Наш град“ е поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст