Се преземаат мерки за заштита од поплави

Поради обилните врнежи од дожд, зголемен е водостојот на река Брегалница и нејзините притоки при што постои опасност од нивно излевање од мини коритото. Во таа насока, Општина Делчево ги презеде сите превентивни мерки со цел да се спречи евентуалното излевање на водите од реките од нивното корито, а екипи постојано вршат контроли во делот на критичните точки во урбаниот и руралниот дел од општината.

Дистрибуирани и поставени се вреќи со песок по должината на ул „8 Септември“, како и  покрај детското игралиште во близина на реката Брегалница, а подготвена е и значителна количина вреќи со песок за евентуално поставување на други критични точки. Во зависност од ситуацијата на терен и потребата од интервенција со механизација, Општината ќе ангажира и соодветна градежна механизација.

Активностите на Општина Делчево се координирани со ЈКП „Брегалница“, РЦУК-Делчево, ДЗС-Делчево и месното население.

Воедно, се информираат граѓаните од безбедносни причини да избегнуваат движење покрај реките, потоците и каналите со вода, но и да преземат соодветни мерки за заштита на нивниот имот од евентуални поплави. Претставниците на месните и урбаните заедници, постојано да ја следат состојбата и да ги информираат надлежните служби, а доколку има потреба од интервенција со машини и луѓе, да пријават на дежурните телефоните: 078-705-513 и 071-343-108.

0Shares
0