16 дена активизам за борба против родово базирано насилство: Презентирана Родовата анализа на Програмата за социјална заштита на Општина Делчево

  • Новости

Родовата анализа на Програмата за социјална заштита на Општина Делчево за 2021 година, како прв документ кој е родовосензибилен во Општина Делчево беше презентиран во рамките на еднодневната работилница организирана од ЗЕЛС на тема „Локализација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство: креирање мерки во рамки на локалните програми за родова еднаквост  и социјална заштита“.

Како што истакна координаторката за еднaкви можности на Општина Делчево, Сузана Петровска, Родовата анализа на Програмата дава акцент на маргинилизирани заедници со цел давање препораки за унапредување на програмите и помош на Одделението за јавни дејности при креирањето на нивните програми за следната година при што се разгледани: Колку жени и колку мажи имале бенефит од реализацијата на програмата за 2021 година; колку жени и колку мажи биле директно вклучени во реализацијата на Програмата за социјална заштита за 2021 година; колку средства се одвојуваат за секоја активност, од каде и за кого; вклученост на Комисијата за еднакви можности при креирање на активностите од Програмата за социјална заштита имајќи предвид дека Општината има Стратегија за родова рамноправност 2020-2022 и Акциски план за реализација на Стратегијата.

Инаку, целта на настанот на кој присуствуваа претставници од општините, лицата одговорни за родова еднаквост и социјални заштита беше да се унапредат знаењата за Истанбулската конвенција, како најсеопфатен документ што воспоставува правно обврзувачки стандарди за превенција и спречување на насилството врз жените и домашното насилство, како и  дискусија за националните закони и документи  поврзани со спроведувањето на оваа меѓународна Конвенција.

Фокусот беше ставен на нагласување на учеството на општините во делот на имплементирање на Конвенцијата, односно креирање на интегрирани и координирани локални политики во доменот на превенција на насилството врз жените и семејното насилство, како и воспоставување и поддршка на специјализирани услуги за жените жртви. Вклученост на локалната самоуправа е потребна за воспоставување на услугите за специјализирана поддршка: засолништа, телефонски линии за помош, услуги за жртви на сексуално насилство, правна поддршка, советодавни центри и поддршка за деца сведоци.

Shares