Светски ден на здравјето: Бесплатни превентивни здравствени прегледи во Делчево

Педесетина граѓани денеска ја искористија можноста за бесплатни превентивни прегледи на пунктот, каде лекар мереше притисок и шеќер во крвта. Пунктот беше отворен по повод Светскиот ден на здравјето, 7 Април, а организатор на настанот е Комисијата за еднакви можности од Општина Делчево во соработка со ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев“ и Советот на млади.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности, Јасмина Ќурчиска, истакна дека целта на оваа активност на КЕМ е да се промовираат превентивните прегледи како приоритетни и потребни во системот на грижата за јавното здравје.

 Превенцијата значи и рано откривање на голем број заболувања. Сакам да потсетам дека неодамна на иницијатива на КЕМ, за прв пат во јавното здравство во Делчево беше воведена здравствена услуга ехо на дојка за превентивно и навремено откривање на рак на дојка. Превенцијата е најдобриот лек и потреба секој граѓанин да практикува редовни здравствени прегледи за превенција на најразлични заболувања. Изразувам огромна благодарност до Здравствениот дом за поддршката за оваа акција, истакна Ќурчиска.

Градоначалникот Горан Трајковски по повод 7 Април, испрати честитка до здравствените работници потенцирајќи дека тие се хероите на нашето време.

-Одлучни, храбри и хумани извојувавте победа над уште една пандемија која во историјата на човештвото ќе биде запишана како исцрпувачка и тешка, пандемија која се закани да ни го промени животот од корен. Затоа,  денешниов ден, 7 Април, кога се одбележува денот на основањето на Светската здравствена организација (СЗО), традиционално е посветен и на здравствените работници, нивната улога и значење во грижата за нашето здравје.

Во време на пандемија, загадена планета, болести коишто се во постојан пораст како рак, астма, срцеви заболувања, на Светскиот ден на здравјето во 2022 година, СЗО го фокусира глобалното внимание на итните активности потребни за одржување на здравјето на луѓето и целата планета, како и за поттикнување на движењето за создавање општества фокусирани на благосостојба.

Сите од свој аспект на делување треба да дадеме придонес да ја сочуваме планетата, а со тоа и нашето здравје, се вели во честитката по повод Светскиот ден на здравјето од градоначалникот Трајковски.

0Shares
0