Заврши рехабилитацијата на селски пат во с. Вирче

Заврши рехабилитацијата на полскиот пат кон с.Вирче во Општина Делчево кој се рехабилитираше во рамки на проектот „Подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба на пристапни патишта во подрачја со земјоделска дејност и обработлива површина во Источен плански регион“.

Предмет на работа беше полскиот пат од приклучокот со општинскиот пат Вирче – Град кон с.Вирче во должина од 1000 метри кој поминува низ земјоделско обработливо земјиште, претежно овоштарници и ниви. По теренот кој се работеше, при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште.

Работите на рехабилитација се однесуваа на расчистување на трасата, машинско планирање и набивање на подтлото, ископ и уредување на земјени канавки и набавка, транспорт и изработка на тампонски слој од дробеник со набивање до потребна збиеност.

Вкупната вредност на изведба на работите за рехабилитација согласно потпишаниот Договор помеѓу Центарот за развој на Источен плански регион  и изведувачот СД Транс ДООЕЛ Славе увоз-извоз Делчево изнесува 1.534.532,42 денари со ДДВ.

Финансиските средства за реализација на овој проект беа обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, преку Програмата за капитални субвенции за развој на планските региони во областа на земјоделството и руралниот развој за 2021 година, за чие искористување помеѓу Министерството за земјоделство, шумарставо и водостопанство и Центарот за развој на источниот плански регион беше склучен Договор за финансирање.

Со реализацијата на овој проект за „Подобрување на руралната патна инфраструктура преку изградба на пристапни патишта во подрачјата со земјоделска дејност и обработлива површина во Источен плански регион“ директно се влијае на подобрување на руралната патна инфраструктура во непосредна близина на с.Вирче во општина Делчево, а најголема корист ќе имаат сопствениците и корисниците на обработливото земјоделско земјиште до кое директно се пристапува од оваа траса, а опфаќа површина од околу 36 ха.

За довршување на овој селски пат во должина од над 320 метри и негово поврзување со сообраќајната мрежа во с.Вирче (завршување на трасата), Општина Делчево и Центрот за развој на Источен плански регион на ден 21.03.2022 година потпишаа Договор за заедничка реализација на активност Рехабилитација на селски пат во село Вирче во општина Делчево во износ од 487.457,00 денари со ДДВ кои се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

0Shares
0