Советот за развој на Источно-плански регион во Делчево усвои важни одлуки од регионално значење

Делчево денес беше домаќин на 6-тата седница на Советот за развој на Источно-плански регион. На седницата присуствуваа градоначалнниците на општините кои потпаѓаат под Источно-планскиот регион, а на истата како што информираше претседателот на Советот и градоначалник на Штип, Иван Јорданов едногласно се донесоа повеќе важни одлуки, меѓу кои и предлог листата за рамонемерен регионален развој и проектите од регионално значење.

На Седницата беше разгледан и извештајот за одржаната Регионална форумската сесија и проектите кои ќе бидат финансирани од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

За градоначалникот на Делчево Горан Трајковски од особена важност е што преку шемата за грантови Општина Делчево учествува со проектот за регулација на речното корито на река Брегалница.

-Проектот е со поголема финансиска конструкција од околу 32 милиони денари за кој се надеваме дека и Националниот совет, односно комисијата која ќе одлучува, ќе го означи нашиот проект како приоритетен и ќе биде финансиран, со што ќе може речното корито во централното градско подрачје да биде уредено, рече Трајковски.

Раководителката на Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Зуица Ангелова додаде дека вкупната вредност на сите 6 проекти се во вредност од 72 милиони денари, од кои поголем дел ќе бидат кофинансирани од општините како грантови корисници.

Меѓу проектите кои ќе чекаат зелено светло за реализација се и проектите за реконструкција на Сината сала за развој на манифестациски туризам во Виница, реализација на втората фаза за изградба на колекторски систем во село Соколарци, проектот за подобрување на водоснабдувањето во Општина Зрновци, проектот за унапредување на спортско-рекреативниот туризам на Пониква и проект за унапредување на туристичката инфраструктура и електрификација на локалитетот ,,Баргала”.

0Shares
0