Работен состанок за тековните активности на проектот „Водоснабдување на Делчево“

Текот на реализацијата на проектот „Водоснабдување на Делчево“ финансиран од Швајцарската Конфедерација, беше тема на денешниот работен состанок на градоначалникот Горан Трајковски со програмскиот менаџер на СЕКО-Швајцарија, Франсоа Саламе- Гуекс, одговорна за реализацијата на проекти кои се финансираат од Швајцарската Конфедерација во Македонија и Станислава Конева, национален програмски советник. На состанокот присуствуваа и директорот на ЈКП „Брегалница“, Стојче Стојковски, како и консултантите вклучени во реализацијата на проектот.

Градоначалникот Трајковски го истакна задоволството од реализацијата на проектот изразувајќи благодарност за поддршката од Швјацарската Конфедерација за решавање на горливиот проблем со квалитетот на водата за пиење. Трајковски информираше за тековните административни процедури нагласувајќи дека обврските преземени од Општина Делчево се реализираат тековно и навремено, по обезбедување на соодветните дозволи од ресорните министерства, наскоро се очекува да започнат градежните работи за изградба на пречистителната станица, како и изградбата на фотоволтаичната централа и другите планирани објекти со цел Делчево да добие современ систем за водоснабдување.

На состанокот, претставниците од СЕКО истакнаа дека целта на нивната посета е да се запознаат со текот на реализацијата на проектот во Делчево при што изразија задоволство од посветеноста и исполнувањето на обврските од страна на Општина Делчево.

Инаку, согласно техничката документација, заедно со изградбата на новата филтер-станица ќе се гради и фотоволтаична централа и оперативна зграда со лабораторија на локација на денешната пречистителна станица. Станицата ќе биде со две линии и капацитет од 60 л. во секунда, додека фотоволтаичната централа ќе биде со номинален капацитет од 250 кw пик со кој се предвидува делумно покривање на потребите за електрична енергија за бунарите и станицата. Исто така, се предвидува рехабилитација на главната доводна цевка од браната Лошана до станицата во с. Тработивиште, рехабилитација на главната водоводна цевка од с. Тработивиште до Делчево и рехабилитација на бунарите во Делчево и с. Тработивиште, како и рехабилитација на резервоарот за вода во близина на с. Ѕвегор.

Во рамките на големиот проект „Водоснабдување на Делчево“ во тек е изградба и поврзување на дистрибутивна водоводна мрежа на селата Габрово и Ѕвегор.

Инаку, проектот „Водоснабдување на Делчево“ се реализира со донација од Швајцарската Конфедерација во висина од 6 милиони швајцарски франци, приближно 1,3 милиони швајцарски франци се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево.

0Shares
0
Големина на фонт
Контраст