„Делчево во чест на светите браќа Кирил и Методиј“

Животот, делото и значајната улога во развојот на словенската писменост на светите браќа Кирил и Метдој, беше тема на видеоматеријалот подготвен од ЈЛБ „Илинден“ и ученици од СОУ „М.М.Брицо“, а промовиран во рамките на настаните организирани по повод традиционалната манифестација посветена на светите браќа Кирил и Методиј кои се и патрони на градот Делчево.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска зборувајќи за идејата за подготовка на перформансот потенцираше дека учениците од СОУ „М.М.Брицо“ успеаја да го доловат ексклузивното значење на дејноста на словенските просветители.

Колку е извонредно важна и суштинска мисијата на светите браќа, говори фактот што денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, а овие светители се и патрони на Делчево. Посебно радува фактот што овие млади делчевци, како гласноговорници на својата генерација, со својот труд дадоа несебичен придонес уште еднаш да се потсетиме и да го нагласиме значењето на сесловенските просветители. Изразувам благодарност до Магдалена Георгиевска, Ива Ивановска, Андреа Димитровска, Теодора Тодоровска, Симона Ќурчиска, Александра Попова кои се вложија овој перформанс, рече Петровска.

Во рамките на одбележувањата беше отворена и изложбата од 25-та по ред Меѓународна ликовна колонија „Кавадарци- Михајлово 2021“ на која беа изложени дела од дваесетина автори од земјава и странство. Љубителите на ликовната уметност во Делчево ќе имаат можност да се запознаат со делата од Меѓународната ликовна колонија, каде учество зедоа ликовни уметници од земјава, но и од Турција, Бугарија, Србија, и други. Изложбата е во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Домот на културата „Иван Мазов- Климе“ од Кавадарци.

Инаку, празнувањето на светите браќа Кирил и Методиј утре ќе продолжи со Светата архиерејска литургија и традиционалната Литија од црквата „Св.Наум“ до параклисот „Св.Климент Охридски“ во дворот на СОУ „М.М.Брицо“, каде ќе се пресечи славскиот колач, додека в четврток, концерт ќе опдржи дуото „Дуо Скупи“- македонски звуци на флејта и виолин, настан финансиски поддржан од Министерство за култура на РСМ.

0Shares
0