Прв пат асфалт на стариот локален пат Делчево-Тработивиште

  • Новости

За прв пат локалниот пат Делчево-Тработивиште добива асфалт. Деновиве интензивно се работи на асфалтирање на локалниот пат во должина од 5,3 км. Патот е со ширина на коловозот од 4 м, а поставени се и банкини и соодветна одводна инсталација. Со реализацијата на овој проект се одговара на барањата и приоритетите на жителите од Разловци, Тработивиште и Делчево, нагласија денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски при увидот на завршните работи на локалниот пат.

Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до МТВ и министерот Бочварски за контиуираната поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во Делчево, потенцираше дека со посветена и одговорна работа и со голема поддршка од Владата на РСМ, се реализираат инфраструктурни проекти во Делчево.

-Со задоволство можам да истакнам дека жителите на Тработивиште и Разловци, покрај регионалниот пат, досегашната единствена сообраќајна врска за овие села, добиваат уште една патна алтернатива која значи поблиску до Делчево и поблиску до земјоделското земјиште. Што значи дека не дозволуваме да се повтори сликата од пред 8-9 години, кога најоддалеченото село во делчевската општина, Разловци, остана подолг период без соодветна сообраќајна врска, поради пропаѓање на мостот на река Брегалница кај Тработивиште. Овој проект, покрај општествената одговорностима за цел подобрување на пристапот на граѓаните до услугите и објектите од јавен интерес, како и зголемување на мобилноста и безбедноста во сообраќајот, нагласи Трајковски.

Изградбата на овој локален пат е во рамките на „Проектот за поврзување локални патишта во РСМ”, кој Министерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка. Во рамките на овој проект кој за Делчево донесе реализација на инфраструктурни проекти во висина од околу 800.000 евра, досега се изградени и реконструирани 6, 1 км локални улици и патишта, а во моментов се работи на реконструкција на дел од ул „Острец“ во должина од околу 50 м. каде се гради потпорен ѕид и тротоари и се проширува црната точка на главната сообраќајница во населбата Трети Реон.

Министерот Благој Бочварски истакна дека МТВ во континуитет продолжува со реализација на програмата за изградба на модерна патна инфраструктура, насекаде низ државава, а Проектот за рехабилитација на локални улици и патишта се реализира со силно темпо.

-Навистина ме радува кога градоначалниците сериозно и посветено си ја вршат својата работа и ги користат сите услови да обезбедат нови инвестиции, да направат проект повеќе за својата општина и да им го подобрат животот на граѓаните. МТВ ппродолжува со поддршката за сите општини. И ги повикувам општините да изработуваат и доставуваат добри и квалитетни проекти со цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и развој на локалните самоуправи., рече Бочварски.

Тој најави дека се започнати процедурите за избор на компании за реконструкција на водоводната мрежа во Делчево во населбите: дел Милково Брдо, дел Ново Делчевопотисен цевковод до резервоарот Чука. Вредност на рпоектот е 23 милиони денари. Работите се очекува да започнат во средината на месец јули оваа година.

Shares