Потпишан Договорот за втората фаза од изградбата на современиот градски пазар во Делчево

Денеска во Општина Делчево, директорката на Центарот за развој на ИПР, Зујица Алексова и изведувачот, фирмата ПАНЕЛ-М од Тетово, како и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, како краен корисник, го потпишаа Договорот  „Градски пазар во Делчево-отворен и затворен дел II фаза“.

Вкупната вредност на работите согласно со овој Договор е 28.488.960 денари со вклучен ДДВ. Средствата во висина од 13,9 милиони денари се обезбедени од Буџетот на Владата на РСМ согласно со Одлуката за доделување средства за финансирање проекти за развој на планските региони за 2021 г. со индикативно планирани средства за 2022 г. Средствата во висина од 14.501.752 ден со вклучен ДДВ се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.

 Инаку, денеска беше направен и увид на објектот, а беше воведен во работа и изведувачот со што и официјално започнува втората фаза од изградбата на современиот градски пазар.

Со реализацијата на овој проект, Делчево за прв пат добива современ градски пазар со целата инфраструктура, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање храна и најразновидна стока, како и соодветен паркинг простор. Градскиот пазар е со површина на  градежна парцела 11.599 м2  и содржи продажен простор за земјоделски производи, но и други стоки.

Во првата фаза од изградбата, 7 милиони денари беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, а 7,9 милиони денари беа обврска на Општина Делчево.

0Shares
0