Промовирана монографијата „Паметници за Царево Село-цркви и манастири во Делчевско и сведоштва на царевоселци“

  • Новости

Во рамките на прославата по повод Денот на ослободувањето на Делчево и Денот на независноста на РСМ, во Делчево беше промовирана книгата „Паметници за Царево село– цркви и манастири во Делчевско и сведоштва на царевоселци“ од Драган Арсовски и Софрон Ѓеоргиевски. Промоцијата беше во организација на ЈЛБ „Илинден“, издавач на монографијата.

Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска, истакна дека со многу љубов, ентузијазам и со желба да се сочува од заборав материјалот кој е вреден како оставштина за делчевските цркви и манастири ЈЛБ „Илинден“ пристапи кон подготовката на оваа исклучителна монографија која ќе остане како аманет на следните генерации делчевци и доказ за времето кое одамна поминало.

Изразуваме огромна благодарност до семејството Арсовски, особено голема благодарност до Лимонка Арсовска, сопругата на Драган Арсовски, еден од авторите на книгата. Несебично, со многу љубов, без никаков надомест, сите материјали и ракописи Арсовски ги подарија на библиотеката, со цел да бидат зачувани од времето на заборавот, додаде Петровска.

Промотор на монографијата бепе м-р Даниела Такева која истакна дека ова е монументално дело за Делчево.

-Самиот наслов на монографијата го отсликува значењето на ова дело. Бидејќи потрагата по културното наследство на делчевските цркви и манастири, како еден од најзначајните сегменти на делчевската и македонската историја и идентитет, како и автентично пренесените сведоштва на живите сведоци од периодот исклучително тежок за народот кој живеел во пограничниот дел во периодот од втората половина на 19 в и првата половина на 20 век, не значи ништо друго, туку паметник-или споменик на едно време длабоко врежано во темелите на растот и развојот на Делчево, истакна Такева.

Материјалите во монографијата се собирани во осумдесеттите и деведесттите години на минатиот век, а во ракопис се чувани повеќе од три децении.

Shares