Ќе се рехабилитира земјоделскиот пат во месноста Средни Бавчи

  • Новости

Со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе се рехабилитира земјоделскиот пат во месноста Средни Бавчи во Делчево со што се решава горливиот проблем со патната инфраструктура за земјоделците кои имаат земјоделски површини или објекти во месноста Средни Бавчи. Финансиската поддршка од Агенцијата е во износ од околу 999.968. денари, а согласно со идејниот проект, ќе се рехабилитира земјоделскиот пат во должина од околу 800 метри и проширување на ширината на патот до 4,5 м. Проектот ќе се реализира преку Програмата за рурален развој, мерка 124- Инвестиции во инфраструктурата за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, подмерка 124.3 – Инфраструктура за прстап до земјоделско земјиште, врз основа на Програмата за финансиска поддршка за рурален развој.

Денеска во МЗШВ во присуство на министерот за земјоделие Љупчо Николовски и на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, на градоначалникот Трајковски му беше врачено Решението за финансиската поддршка за рехабилитација на земјоделскиот пат во Средни Бавчи.

Според градоначалникот Трајковски станува збор за инвестиција со која се заокружува првата фаза од циклусот инвестиции во земјоделската инфраструктура со која за рехабилитација беа предвидени над 3 км земјоделски патишта.

 Оваа инвестиција е наш одговор на барањата на земјоделците и, во таа насока, продолжуваме понатаму. Ќе искористиме вакви и слични повици со кои ќе обезбедиме поддршка за решавање на проблемите на земјоделците поврзани со земјоделската патна инфраструктура во општината, истакна Трајковски.

Преку Центарот за развој на ИПР, минатата година беше завршена рехабилитацијата на земјоделскиот пат с. Вирче-с. Град во должина од 1.320 метри, а со подобрување на временските услови ќе започне и рехабилитацијата на земјоделскиот пат во месноста Долни Бавчи во должина од 1000 м.

Shares