Детали за животот на малата Ана Франк и нејзиното семејство во периодот на Втората светска војна се содржани во патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ која е отворена во Делчево во Спомен-домот АСНОМ.
Изложбата е уникатна по многу нешта, пред сè, тука е фактот што водичи за посетителите се млади волонтери, ученици во СОУ „Методи Митевски-Брицо“ кои поминаа обука за да ја раскажат приказната на Ана Франк. Патувачката изложба „Ана Франк – Историја за денес“ претставува збир од триесет и девет изложбени панели кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство за време на Втората светска војна.
Ристо Савески од Младинскиот образовен форум и координатор на проектот информира дека изложбата претставува збир од изложбени паноа, кои носат бројни детали од животот на малата Ана и нејзиното семејство од Втората светска војна.
-Проектот „Ана Франк – Историја за денес“ се реализира веќе пет години. Соработуваме, генерално, со средни училишта, каде средношколци учествуваа, првиот ден на обука на тема „Првата светска војна и холокауст“. Во вториот ден во рамки на изложбата тие ја имаат улогата на оратори и ги водат посетителите низ паноата кои се вкупно 31 на број, а го опишуваат животот и делото на Ана Франк. Исто така, има дополнителни 7 паноа во контекст на историјата на Македонија во Втората светска војна, периодот во Југославија и осамостојувањето на Македонија, рече Савески.
Изложбата во Северна Македонија е во рамки на проектот „Хисторија, Историја, Повјест – Лекции за сегашноста“, а организатори се Младински образовен форум и Куќата на Ана Франк од Амстердам. Во изложбата има и панели кои се креирани посебно за македонскиот контекст во периодот по Втората светска војна до денес, а изработени од домашните експерти Мишо Докмановиќ и Бесник Емини.
По Делчево, од градовите во Пијанечко-Малешевскиот регион, патувачката изложба во првата половина на февруари продолжува со претставување пред љубителите на уметноста во Македонска Каменица.
Во Северна Македонија изложбата доби поддршка од Министерството за надворешни работи, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Амбасадата на кралството Холандија и Министерството за култура.
Проектот има за цел да го сврти вниманието и да поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан кои се причина за различни поделби и генерирање конфликти во минатиот век. Преку промовирање критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anne Frank House и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.