Јазикот не е само зборови-во Делчево одбележан Денот на мајчиниот јазик

  • Новости

Ученици од основните училишта од Делчево денеска порачаа дека мајчиниот јазик не е само зборови-тој е нашиот идентитет, нашето минато, сегашност и иднина. Оваа порака преточена преку лични творби и рецитации беше денеска пренесена на настан организиран од ЈЛБ „Илинден“ и основните училишта во градот по повод Денот на мајчиниот јазик.

-Мотото на годинешното одбележување е „Јазикот не е само зборови. Тој е култура, традиција, унифицираност на општеството, цела историја која го прикажува општеството какво што е. Во рамки на настанот седмооделенки при ООУ„Ванчо Прке“ ни читаа на тема мајчин јазик, додека второоделенците од ООУ„Св.Климент Охридски“ иако, мали, сепак, рецитираа и пееја песнички, рече Билјана Петровска, директорка на ЈЛБ „Илинден“.

Јазикот на еден народ, како што истакна пред присутните е негово духовно богатство и наследство.

Меѓународен ден на мајчиниот јазик е прогласен на XXX Седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 г, именувајќи го 21 февруари- Ден на кој се одржани драматичните протести за бенгалскиот јазик. Во 2000 г, овој датум е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност.

Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.

Shares