Енергетски ефикасно осветлување на градскиот парк во Делчево

  • Новости

Градскиот парк во Делчево ќе добие енергетски ефикасно осветлување во рамките на  „Програмата за развој на заедницата“ финансиранa од Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД, а имплементиранa од страна на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

Денеска во Делчево, градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски го потпиша  Меморандум за соработка со што се формализира соработката помеѓу Мрежа за рурален развој на Северна Македонија со партнерот ЛАГ Малеш-Пијанец и Општина Делчево, ЈКП „Брегалница“, Регионален центар за застапување Делчево, „Вел- дарц“ ДООЕЛ ДелчевоБрегал“, „Рома транс“, „Тренд ком“ за реализација на проектна иницијатива на територијата на ЛАГ Малеш-Пијанец. Меморандумот претставува темел за понатамошна соработка помеѓу засегнатите страни која ќе се развива врз основа на меѓусебно разбирање, доверба и координација за да се обезбеди што поквалитетна услуга на сите засегнати страни од областа на развој на заедницата.

Градоначалникот Трајковски посочи дека со реализацијата на проектот ќе се подобри осветлувањето во централното градско подрачје на Општина Делчево, но ќе се бележи и значителна заштеда, како за потрошена електрична енергија, така и заштеда за одржување.

-Како општина ги користиме можностите за инвестиции во енергетската ефикасност. Реализацијата на овој проект, освен што ќе ја промени сликата на градскиот парк и ќе добиеме енергетски ефикасно осветлување, туку значи и продолжување на досегашните проекти кои ги работевме со цел јавното осветлување да биде енергетски ефикасно, при што имаме поставено над 1000 лед- диодни светилки во Делчево и околните населби. Со енергетската ефикасност се штеди енергија, но и значително се влијае кон заштитата на животната средина, истакна Трајковски.

Очекуваните резултати од реализацијата на оваа проектна иницијатива се:

·         Набавени и поставени 138 нови светилки како замена за претходните светилки на истите места согласно претходно утврдената спецификација,

·         Поставени 10 нови светилки на локации каде претходно постоеле светилки, а не се во функција,

·    Поголема осветленост, финансиска ефикасност и заштеда,

·    Мотивираност кај субјектите на територијата на ЛАГ Малеш-Пијанец за понатамошни заеднички иницијативи за подобрување на условите во локалната заедница.

Времетраењето на реализацијата на проектната иницијатива ќе биде 3 месеци.

Shares