Трибина „Зошто жените молчат за семејно насилство“

  • Новости

По повод меѓународната кампања 16 дена активизам во борба против насилство врз жени и девојки“, Организацијата ЖЕНА и КЕМ при Општина Делчево организираше трибина на тема „Зошто жените молчат за семејното насилство“. Трибината е во рамките на „Облечи розово-облечи самодоверба“ финансиски поддржан од Амбасадата на Република Франција.

На настанот учествуваа претставници од Општина Делчево, ЈУ Центар за социјални работи Делчево, ОВР Делчево,  адвокатката за бесплатна правна помош, Софија Миленковска, како и други стручни лица кои работат на проектот за бесплатна правна помош.

– Сакаме да дадеме значителен придонес кон актуелизирање на прашањето, зошто жените молчат и зошто жените не го пријавуваат насилството кај релевантните институции, конкретно во Центарот за социјални работи и Министеството за внатрешни работи, истакна Анита Цоневска, претседател на Организацијата ,,Жена”.

Во 2023 година, во Делчево пријавени се 5 случаи на семејно насилство, додека во 2022 година таа бројка изнесувала 7 пријавени случаи. Од сите пријавени случаи од 2020 до 2023 година, во 99 проценти од пријавените случаи на семејно насилство жртвите се жени, без притоа да има пријавено семејно насилство врз деца.

Едно од решенијата за справување со семејно насилство, како што посочи адвокатот Софија Миленковска која е дел од проектот за ,,Бесплатна правна помош” е изградбата на Советувалиште за жртви од семејно насилство.

-Ако имаме едно советувалиште, сметам дека  во соработка со невладиниот сектор, тоа советувалиште ќе претставува еден вид медијатор помеѓу институциите и жртвите. Познато е дека жртвите не се осмелуваат да пријават од повеќе причини, а со постоењето на тоа советувалиште, таа мултисекторска соработка ќе биде поизразена, рече Миленковска.

 По повод глобалната кампања „16 дена активизам за борба против семејно насилство“, Општина Делчево и заедничка Програма на ЕУ и Совет на Европа РОМАКТЕД Фаза 2 во соработка со Министерство за труд и социјална политика и образовните институции ќе организираат  работлница за родово базирано насислство, врсничко насилство и сајбер- насилство.

Shares