ЗАПОЧНА КАМПАЊАТА „ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО“

  • Новости

Бесплатни технички прегледи на патничките  возила пред патување се овозможени во рамки на кампањата ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО.  Преку оваа кампања граѓните повторно имаат можност и оваа година во станиците за технички преглед на возила во Делчево „Автовозач Фер“ и „Ликеј Делвин“ бесплатно да ги проверат своите возила пред патување во месеците јули и август.

Кампањата ПАТУВАМЕ БЕЗБЕДНО се спроведува веќе втора година на подрачјето на Општина Делчево во месеците јули и август, а има за цел унапредување на ставовите на учесниците во сообраќајот, зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди со последици за време на летниот период.

Организацијата на активностите е на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево и Општина Делчево, а во соработка со РСБСП, сообраќајната полиција, граничната полиција, Инспекторот за превенција при Полициската станица од општа надлежност Делчево, Регионалниот центар за управување со кризи и други заинтересирани страни. Периодот на спроведување на кампањата е летниот период кога има зголемување на патувањата за време на туристичката сезона и летните одмори и зголемен интензитет на сообраќај по патиштата, а има за цел да ги потсети учесниците во сообраќајот за важноста од одговорното учество во сообраќајот при патувањата (возењето одморен, важноста на техничката исправност на возилата, употребата на сигурносни појаси во возилата, опасноста од употребата на мобилените телефони додека се управува со возилото, предности за користење на јавниот број 112 итн.), но и да се едуцираат одредени групи учесници во сообраќајот што би придонело кон подигнување на јавната свест за безбедно учество во сообраќајот и зголемување на сообраќајната култура.

Согласно со податоците од Анализата на сообраќајните незгоди за 2024 година кои се случиле на подрачјето на Општина Делчево може да се забележи дека во месеците јули и ноември се евидентирани најголем број сообраќајни незгоди и тоа по 16%, додека само во месецот август се евидентирани најголем број повредени лица, односно 36% од вкупниот број повредени лица во 2024 година.

Од страна на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево до учесниците во сообраќајот за време на летниот период се апелира:

–          Редовно да се проверува техничката исправност на возилата пред патување;

–          На пат секогаш да се тргнува одморен;

–          При подолги патувања на секои 2 часа да се прави пауза од најмалку 15 минути;

–          Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи;

–          Да се вози смирено и толерантно кон другите учесници во сообраќајот.

Shares