Во празнична атмосфера, Делчево денеска одбележува 81 година од ослободувањето на градот и 34 години од независноста на Република Северна Македонија.
„Делчево денеска се сеќава и оддава почит на храброста на луѓето со револуционерна мисла и желба за слобода, напредок и просперитет. Се поклонуваме на нивната бескомпромисна волја, жртва и визија дека може да се живее слободно, може да се гради и да се создаваат услови врз кои ќе се гради иднината. 81 годинa од ослободувањето на Делчево и 34 години од независноста на државата, се датуми цврсто втемелени во современата историја на нашиот град.
Но, овој ден не е само за сеќавање на минатото туку и за препознавање на нашата одговорност кон иднината. Наша одговорност е да продолжиме да го живееме нивниот сон за подобар свет со секоја активност што ја преземаме. Мора да продолжиме да се стремиме кон град кој ги поддржува вредностите на правдата, еднаквоста и единството.
Во името на сите нас, изразувам најдлабока благодарност до нашите херои и нивните семејства!!! Нивната жртва не обврзува да бидеме подобри, да работиме на зачувување на мирот, да градиме мостови на разбирање и секогаш да се бориме против неправдата. Нивната храброст и пожртвуваност се лекции за сегашните и идните генерации. Им должиме многу и затоа наша должност е да ја пренесеме нивната приказна на идните генерации, за никогаш да не заборавиме. Конечно, сакам сите заедно да се заложиме да го одржуваме споменот на нашите херои, не само преку славењето на овој ден, туку преку нашите секојдневни постапки и вредностите според кои живееме. Нека нашиот град продолжи да биде светилник на слободата, правдата и мирот, гордост на сите нас и на оние кои се бореа за него.“, рече Трајковски.
7 септември 1944 г. и 8 септември 1991 се датуми кои обединуваат турбулентен период, но и порачуваат дека влогот во поубава иднина, борбата за вредностите во едно современо општество, а со тоа и развојот на една општина, се непроценливи. Заеднички именител на двата датуми е животот во слобода, можноста сами да создаваме иднина- придобивки во едно општество кои за граѓаните немаат цена- тоа се големите причини за кои вреди да се вложува секој поединец и да создава големи дела. Денешно Делчево е плод на големата храброст и пожртвуваност на слободоумните и бестрашните борци за слобода кои ги удрија темелите на слободно Делчево, на сите повоени дејци и лидери кои го трасираа патот на развојот за нашето гратче, распослано на двата брега на Брегалница, да расте и да се развива, да раѓа нови приказни, да се создаваат нови спомени, да се ткае животот во современа урбана средина. Нивното дело е амнет и наш мотив. Нашата генерација има света должност и обврска да продолжи по тој пат, да го гради нашето Делчево, во европска урбана средина и со нашето родно место да се гордееме, да создаваме услови за раст и развој на градот во кој ќе живеат задоволни граѓани.
На свеченоста беа презентирани реализираните проекти во осумгодишниот мандат како градоначалник и беа доделени општинските награди по повод празникот 7 Септември – Денот на ослободувањето на градот Делчево.
Плакети добија:
Калин, Филип и Максим Стефановски за учество и успешно препливување на Илинденски пливачки маратон – Охрид 2025
АД ФРОТИРКА КОМПАНИ за успешна соработка и поддршка на општината
Андреј Кавшек, градоначалник на Општина Чрномељ, Република Словенија за поддршка и соработка со општината и ТППЕ-Делчево
Доброволна противпожарна бригада Стари трг об Колпи, Општина Чрномељ, Република Словенија за успешна соработка и поддршка на општината и ТППЕ-Делчево
Валери Спасевски, веб-портал delcevo365.mk за успешна соработка со општината
Maртин Спасевски за особен придонес и развој на велосипедизмот
Ванчо Трајанов за особен придонес и развој на спортот во Делчево
Трајче Илиевски за особен придонес и развој на спортот во Делчево
Перо Петровски за особен придонес и развој на спортот во Делчево
Биљана Петровска за особен придонес и развој на културата и библиотекарството во општината
Зоран Василевски, Командир на ТППЕ Делчево
Jeffrey Gill за успешно препливување на каналот Ламанш
Дневен центар за лица со попреченост за успешна соработка со општината
Владимир Грчев за освоен златен медал на Европската олимпијада по информатика.
Нека ни е честит 7 Септември – Денот на ослободувањето на Делчево!