
Заврши реконструкцијата на уште еден многу значаен проект за граѓаните кои живеат на улицата Благој Стоименов и околните делови од нашиот град.
Завршено е со поставување на нов асфалт, со што оваа улица доби современ и безбеден изглед, а сообраќајот ќе се одвива многу поефикасно и побезбедно.
„Важно е да истакнаме дека пред почетокот на овие активности, целосно ја обновивме водоводната мрежа, што претставува суштински дел од инфраструктурните подобрувања. Со новата водоводна инсталација, жителите конечно добиваат стабилен и квалитетен доток на вода, со што се решаваат долгогодишните проблеми со кои се соочуваа.
Нашата цел е да обезбедиме трајни решенија, а не привремени интервенции. Затоа секогаш настојуваме да ги изведеме сите потребни подземни работи пред да започнеме со финалните градежни зафати, како што е поставувањето на нов асфалт.
Со овој проект им овозможуваме на граѓаните подобри услови за живот, а истовремено и придонесуваме кон модернизација на целокупната градска инфраструктура. Ова е уште еден чекор во нашата визија за град со уредени улици, квалитетни комунални услуги и урбан изглед достоен за неговите жители.“, изјави градоначалникот Трајковски.