
Денеска во просториите на Општина Делчево се одржа официјалното примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Горан Трајковски и новоизбраниот градоначалник Иван Гоцевски.
Примопредавањето се одржа во достоинствена атмосфера во која се разговараше за актуелните и идните проекти и на која и двајцата градоначалници го потврдија значењето на континуитетот, одговорноста и посветеноста во служба на граѓаните. Воедно, беа потпишани записниците за примопредавање со што новиот градоначалник официјално ја презеде функцијата и одговорноста за раководење со Општината.
Досегашниот градоначалник Трајковски му посака успешна работа на новиот градоначалник Гоцевски изразувајќи благодарност за соработката и со општинската администрација во изминатиот период.
-Сакам јавно да му честитам на новоизбраниот градоначалник и на новиот состав на Советот и им посакувам успешна работа и да реализираат многу проекти кои ќе значат развој на Делчево со што ќе остават свој белег на градот, рече Трајковски.
Новиот градоначалник Иван Гоцевски изрази благодарност за досегашниот ангажман на Трајковски, но и се заблагодари на огромната поддршка и доверба од граѓаните и вети напорна работа и отчетност и максимално вложување за да се оправдаат очекувањата од граѓаните.
– Функцијата градоначалник бара многу одговорност, моралност и етичност во работата, но и експедитивност во решавањето на сите приоритети на граѓаните. Како што изјавував и во кампањата, јас како човек од народот, ќе бидам постојано на терен, со сите граѓани, од Разловци преку Делчево до Бигла и Илиово. Секојдневно ќе бидам во тек со потребите на сите граѓани и со еден отворен и искрен пристап ќе работиме заедно за Делчево да биде една урбана средина каде живеат среќни граѓани. На почетокот најавувам дека ќе ја отвориме општината за сите, ќе ревидираме сè, ќе дозавршиме сè што е започнато, а паралелно ќе создаваме нови проекти ветени во програмата. Продолжуваме со градежните работи за регулација на коритото на рега Габровчица и најавувам изградба на два кружни тека на транзитниот булевар, нагласи Гоцевски.
По примопредавањето, градоначалникот Гоцевски имаше средба со вработените во Општина Делчево на која тој изрази благодарност за нивната посветеност, но ги потенцира и очекувањата за заедничка и успешна соработка во иднина. Воедно, на еден од најдобрите работници во ЈКП „Брегалница“, Горан Узунски, му даде благодарница за неговата посветена работа и истакна дека првата градоначалничка плата ќе ја донира на работникот Узунски.
На Локалните избори 2025 година, градоначалникот Иван Гоцевски, кандидат од Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ, победи во првиот круг на Локалните избори со освоени 5187 гласа, наспроти неговиот противкандидат од Коалицијата на СДСМ, Дејан Глинџарски кој доби 1765 гласа.







