
Во Делчево во тек е реизбор на новиот состав на советите на месните и урбаните заедници. Со цел активни месни и урбани заедници и активни граѓани кои креираат подобра општина и општина која се грижи за своите граѓани, Општина Делчево ги повикува граѓаните да се активираат и да придонесат со свое учество во процесот кој оди во прилог на решавањето на нивните секојдневни проблеми.
Градоначалникот Иван Гоцевски ја истакна важноста на функционирањето на месните и урбаните заедници кои се основната клетка во една општина со огромно значење за секој граѓанин, бидејќи преку оваа форма на организирање се овозможува граѓаните да се активни во својата заедница, да дадат придонес во решавањето на нивните секојдневни проблеми и да придонесат за подобро функционирање на општината.
-Затоа моја прва задача како градоначалник е да ги активирам месните и урбаните заедници и да им ја вратам довербата во општината, како институција и да им потврдам дека тука сме заедно да ги решаваме проблемите. На сите членови на новоизбраните совети во месните и урбаните заедници им порачувам да бидат одговорни претставници на своите соседи, пријатели и на целата заедница, нагласи Гоцевски.
Процесот за реизбор на советите започна со МЗ во сл Габрово, каде во демократски процес и на транспарентен начин беше избран новиот Совет на МЗ Габрово кој брои 7 члена, а за претседател беше избран Орце Илиевски.
Согласно со планот, вечерва со почеток во 18 ч ќе се одржи собир на граѓани во с. Вирче, а активностите ќе продолжат од понеделник во селата Стамер, Град, Ѕвегор, како и во градските населби Милково Брдо и Ново Делчево.



