
Министерството за локална самоуправа денеска организираше кик-оф настан за промоција на Ресурсниот центар за поддршка на општините. На настанот беше презентирана мисијата и целите на Ресурсниот центар, а свое обраќање имаа министерот за локална самоуправа Златко Перински, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер и премиерот на Владата, Христијан Мицковски.
Градоначалникот Гоцевски кој присуствуваше на настанот истакна дека македонските општини добиваат сериозен партнер во реализацијата на своите цели, пред сѐ, локалниот развој, преку Ресурсниот центар за поддршка на општините.
-Очекувам, преку неговите услуги-стручни совети, обуки, анализи и техничка помош-да добиеме реални алатки за поефикасно управување, планирање и реализирање на нашите политики и проекти. Ефикасната работа на овој Центар ќе помогне многу, посебно на малите општини кои се соочуваат со недостиг на кадар, соодветна експертиза, административни потешкотии и лавиринти при реализацијата на одредени проекти. Ресурсниот центар ќе значи конкретна поддршка на општините, каде што ќе може да ги добиеме и експертизата и практичните решенија. Да добиеме поддршка, со една единствена цел да креираме современи, функционални локални заедници, општини кои вистински одговараат на потребите на граѓаните и се вистински сервис на граѓаните, истакна Гоцевски.
За Гоцевски инвестицијата во вакви центри е инвестиција во посилни и пофункционални општини, општини кои одговараат на предизвиците.





