Обележан 3 Декември – Светскиот ден на лицата со попреченост

  • Новости

По повод 3 Декември – Светскиот ден на лицата со попреченост, претставници на Општината присуствуваа на промоцијата на социјалното претпријатие „ИНТЕГРА“, проект на Хуманитарното здружение “Бравура Кооператива” од Делчево. Новоотворениот простор е сместен во објектот на поранешната Стара касарна и е наменет за повеќе видови социјални услуги, меѓу кои и услуги за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост.

На настанот беше изразена благодарност до Црвениот крст, Дневниот центар, Центарот за социјална работа, наставниците од СОУ „Методија Митевски–Брицо“, како и до персоналните асистенти, кои заеднички придонесуваат за одбележување на овој значаен ден.

Присутните упатија признание и до тимот на „ИНТЕГРА“ за создавање на нов, модерен и функционален простор кој претставува вистински дом за корисниците. Моментално, во Дневниот центар се згрижени 7 лица, во живеалиштата 15 лица, а преку различни програми се обезбедуваат услуги за повеќе од 70 стари и изнемоштени лица.

Општината продолжува активно да работи на унапредување на социјалната заштита. Во тек е подготовка на нова Програма за социјална заштита, која во декември ќе биде доставена до Советот на Општината. Во програмата ќе бидат опфатени нови услуги, меѓу кои:

  • поддршка за лица со епилепсија во соработка со Црвениот крст и Здравствениот дом,

  • финансиска поддршка за семејства со деца со мускулна дистрофија,

  • продолжени донаторски активности,

  • посебна грижа и други мерки.

Целта останува јасна – создавање заедница во која сите сме рамноправно вклучени, поддржани и заедно градиме подобра иднина.

Shares