
Во рамките на активностите предвидени за кампањата „Денови на хуманост-дарувај со љубов“, а по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со корисниците на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево и корисниците на услугите на НВО „Бравура кооператива – Клуб ИНТЕГРА“, се учеше како тие да бидат безбедни учесници во сообраќајот додека се движат по улиците.
Работилницата за унапредување на безбедноста на пешаците со посебен акцент на лицата со попреченост е во рамките и на актуелната кампања „Се движиме безбедно“ на Општина Делчево и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Делчево во соработка со ОВР Делчево и Регионалниот центарзаграничниработи – Исток.
Преку работилницата корисниците на Дневниот центари Клубот за социјална инклузија Интегра преку едукативно предавање беа запознаени со сообраќајната инфраструктура, правилата и прописите во сообраќајот кои воглавно се однесуваат на пешаците, сообраќајната регулација, опасни ситуации, употреба и користење на јавниот број 112 во итни ситуации,итн. Во делот на работилницата, тие беа во улога на проектанти и креираа безбедни улици на подготвени шеми со улица и станбени објекти коиги надополнуваа со елементи преку кои би ги направиле улиците безбедни за движење.
За крај на работилницата тие им поставуваа прашања на полициските службеници лица во врска со безбедното учество во сообраќајот.
„Денови на хуманост-дарувај со љубов“ се спроведува 8-ма година по ред под покровителство на Општина Делчево и во партнерство со локалните институции: основните и средното училиште, детската градинка, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“, ЈЛБ „Илинден“, Дневниот центар за лица со посебни потреби од Делчево, НВО „Бравура кооператива“ и Клубот ИНТЕГРА. Целта на активностите е будење на филантропијата и општествената одговорност и подигање на свеста за лицата со попреченост и нивна инклузија во општеството.











