Свечено одбележан патрониот празник на ООУ„Св. Климент Охридски„

  • Новости

 

Денес, во Општина Делчево беше одбележан празникот посветен на Свети Климент Охридски – словенски просветител, духовен учител и еден од најзначајните црковни и културни дејци во македонската историја. По тој повод, градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски, претставници од локалната самоуправа, директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“ – Димитар Видимлиски и делегација од училиштето положија свежо цвеќе и оддадоа почит пред ликот и делото на светецот, кој е патрон и духовен заштитник на училиштето. Роден во IX век, Свети Климент Охридски бил еден од најблиските ученици на светите Кирил и Методиј и продолжувач на нивната мисија за ширење на словенската писменост и христијанската вера. По мисијата во Велика Моравија, Климент пристигнал на територијата на денешна Македонија, каде го продолжил просветителското дело. Во Охрид ја основал првата словенска школа на Балканот, позната како Охридска книжевна школа, која се смета за една од најстарите институции во Европа посветена на образование, духовност и книжевност.

✍️ Св. Климент е автор на богослужбени книги, преводи и поучни текстови со кои ја втемелил старословенската писмена традиција. Неговото дело било пресудно за описменувањето на населението, за развојот на словенската писменост и за зачувувањето на духовниот, културниот и националниот идентитет на македонскиот народ низ вековите. Токму затоа, Климент заслужено се смета за учител, духовен пастир и темел на македонското просветителство.

Shares