
Општина Делчево ги информира граѓаните, правните и физичките лица дека со цел да се спречи загадување на амбиенталниот воздух и за почиста животна средина, а согласно со законски одредби, се забранува на индивидуалните или на деловните објекти како огревен материјал за затоплување да користат гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и секаков друг вид отпад кои при согорувањето испуштаат отровни материи и го загадуваат амбиенталниот воздух.
Според Законот за животна средина сите инсталации имаат изготвено елаборати за заштита на животната средина во кој е строго определено кое огревно средство се користи. Исто така, строго е забрането од страна на текстилните фабрики издавање отпаден материјал (отпаден текстил) на физички лица. Општина Делчево соопштува дека инспекциските служби ќе вршат вонреден инспекциски надзор посебно во инсталациите каде има значителни емисии во амбиенталниот воздух и согласно со законските одредби ќе се преземаат соодветни казнени мерки.
Општината ги известува сите граѓани дека можат да пријават загадување на воздухот преку:
- Архивата на Општина Делчево, ул. „Светозар Марковиќ“ бр. 1,
- Формата „Пријави проблем“ на следниот ЛИНК,
- Е-маил: info@delcevo.gov.mk,
- До инспекторот за заштита на животна средина,
- Како и преку сите други електронски канали на Општината.
Општината охрабрува навремено пријавување со цел подобра заштита на животната средина и здравјето на сите жители.
Во пријавата граѓаните треба накратко да го опишат проблемот кој го пријавуваат, да ја наведат локацијата каде забележале загадување, доколку можат да испратат слика или видео и да остават нивни податоци за да можат надлежните да ги исконтактираат.
Инаку, Општина Делчево преку проектот „Спречување на загадувањето на воздухот со помош на едукативни технички решенија“ има набавено нова станица за мониторинг на PM10 честички каде граѓаните преку ЛИНКОТ достапен на општинската страна можат во реално време да го следат квалитетот на воздухот во градот Делчево.



