
Согласно официјалната програма „Зимска приказна во Делчево 2025–2026“, која ќе се реализира во период од 22 дена до Нова Година, денеска точно напладне во градскиот парк во Делчево пристигна најомилениот гостин на најмладите – Дедо Мраз.
Со голема радост и нетрпение, дечињата го пречекаа Дедо Мраз, кој донесе празнична магија, насмевки и новогодишна атмосфера во срцето на градот. Во рамки на настанот, Дедо Мраз подели новогодишни пакетчиња на учениците од прво до петто одделение од ООУ „Ванчо Прке“ и ООУ „Св. Климент Охридски“, како и на корисниците од Дневниот центар за лицата со посебни потреби – Делчево.
Претходно, во празничен дух, новогодишни пакетчиња им беа доделени и на сите дечиња од детската градинка „Весели Цветови“, со што уште еднаш беше потврдена посветеноста на Општина Делчево кон најмладите сограѓани и инклузивноста во заедницата.
Новогодишната програма е во организација на Општина Делчево, во соработка со училиштата во градот, ЈЛБ „Илинден“ Делчево, НУЦК „Н. Ј. Вапцаров“, како и со сите општествено одговорни фирми, компании и соработници кои на еден или друг начин придонесоа за реализација на овогодинешната новогодишна програма.
„Зимска приказна во Делчево 2025–2026“ продолжува и во наредните денови со богата културно-забавна програма, наменета за сите генерации, носејќи празничен дух, заедништво и радост во нашиот град.



